Украинскиот претседател Володимир Зеленски инсистираше на потребата да се сретне „во која било форма“ со неговиот руски колега Владимир Путин со цел да се „запре војната“ во Украина.
„Верувам дека без оваа средба е невозможно целосно да се разбере што тие (Русите) се подготвени да направат за да ја запрат војната“, рече Зеленски во интервју за Суспилне.
Зеленски, кој рече дека „без преговори војната нема да биде запрена“, веќе неколку пати повика на средба со Путин, но денеска беше особено упорен. Сепак, тој предупреди дека Украина не може да „прими никаков ултиматум од Русија“. Досега се одржани неколку лице в лице и видео врски меѓу руската и украинската делегација од почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари.
„Постојат земји од НАТО кои сакаат да бидат гаранти на безбедноста на Украина“
Во интервју за Суспилне Зеленски рече дека секој компромис постигнат во преговорите со Русија ќе биде ставен на референдум во Украина. Тој се осврна и на прашањето за членството на Украина во НАТО.
„Сите веќе го сфативме тоа. Тие не не прифаќаат во НАТО затоа што земјите-членки се плашат од Русија. Тоа е сè’“, рече тој.
„Постојат земји од НАТО кои сакаат да бидат гаранти на безбедноста на Украина… кои се подготвени да направат се што би требало да направи Алијансата ако бевме членка. И мислам дека тоа е нормален компромис“, додаде Зеленски.
Тој, исто така, рече дека верува оти прашањето за Крим, кое Москва го анектираше во 2014 година и регионот Донбас во источна Украина, каде што проруските сепаратисти прогласија две републики, е „многу тешка приказна за сите“.
„За да најдеме излез, прво мораме да го направиме првиот чекор кон безбедносни гаранции и прекин на огнот“, рече тој.
„За време на првата средба со претседателот на Русија, јас сум подготвен да ги покренам овие прашања, тие се релевантни, тие се важни за нас“, заклучи Зеленски.
