Вести Македонија Топ вести

Започна вакцинацијата среде плоштади – се поттикнува населението да се имунизира

Вакцинацијата не е страшна и треба да си го чуваме здравјето. Ова се пораки на жителите на Шуто Оризари. Денес тие во поголем број беа домаќини на екипа од Здравствен дом. Лекарите во малку поинаков амбиент – среде населено место и во шатори, вакцинираа луѓе.

Оттука започна оној т.н. вакцинален караван. Вакцините ќе им се доближуваат на граѓаните и ќе се подигнува процентот на имунизираност.

Претходно, искусни епидемиолози, мерката за теренско вакцинирање ја оценија како делумно популистичка и коментираа дека вакво нешто можеше да се организира и многу порано, како што беше случај во други земји.

„Еве сега завршив, се вакцинирав со трета доза. Добро се чувствувам. Треба сите да се вакцинираат, ништо не е страшно. Ако дојде смртта, ќе дојде од Господ. Од вакцина не се умира.“

 

„Јас си го заштитувам здравјето и мене ми е добро. Сега ќе видиме што и како ќе биде со третата доза. Двете дози ги примив веќе и воопшто не се почувствував болен.“

 

„Би требало сите да се вакцинираат. Оваа епидемија е навистина лоша. Со втората доза се чувствуваме многу подобро и со посилен имунитет и затоа дојдовме и за трета доза“ – велат граѓаните.

Следни ќе бидат и други плоштади и пофреквентни места во помали населби и градови.

Освен да се имунизираат, граѓаните ќе можат и да слушнат стручни мислења и објаснувања околу безбедноста на вакцините.

А, има причина зошто Шуто Оризари да биде појдовна точка.

„Важно нѝ беше да ги таргетираме лицата коишто се без документи со оглед на тоа дека тешко се идентификуваат и немаме бројка колку од нив се вакцинирани. Тие за жал се уште немаат здравствена заштита и затоа сметам дека тие треба да бидат целна група за вакцинирање“ изјави Елвис Шаќири, Организатор на караванот за вакцинација во Шуто Оризари.

Импровизираниот пункт го посети и министерот за здравство Беким Сали, кој не пропушти да испрати порака дека состојбата сè уште не е дојдена до точка да можеме да ги фрлиме маските.

Околу отстранувањето на мерката за носење маски во училиштата, тој најави дека истата ќе се официјализира на владина седница најверојатно до среда.

„Јас посакувам да се ослободиме од маските и ниту вие да не носите сега, но реалната состојба не го вели тоа. Секој ден имаме од 250 до 300 новоинфицирани што значи дека уште не сме на нивото коешто го посакуваме“ изјави Беким Сали, Министер за здравство.

Вакциналниот караван ќе трае две недели. До 3 април ќе бидат поминати 14 населени места.

Утре на ред е Кратово, а потоа уште 12 помали населени места ќе имаат вакви шатори од 11 до 16 часот и жителите ќе можат да се вакцинираат.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(видео) Харис и Кемал се единствените преживеани на Елбрус – загинаа петмина планинари од БиХ

Дејан Дејан

Приведени осуммина кај кои полицијата пронашла дрога

Дејан Дејан

Во село Лабуништа пронајден човечки череп

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе