Шефот за надворешна политика на Европската унија, Жозеп Борел, денеска го окаратеризира како „масовно воено злосторство“ рускиот напад врз украинскиот пристанишен град Мариупол. „Се уништува сè, се бомбардира, се убива“, рече Борел на почетокот на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ.
Неговата реакција следи откако Украина го одби ултиматумот на Москва, до три часот изутрина по локално време да го предаде уништениот град Мариупол и да го положи оружјето, во замена за повлекување на руската војска. Заменик претседателката на украинската Влада, Ирина Верешчук изјави дека е одбиена руската понуда за предавање на Мариупол, и дека „нема шанси за некакво предавање“. Околу 300.000 луѓе остануваат заробени без струја или вода. Се проценува дека околу 90% од зградите во Мариупол се оштетени или уништени..
Во текот на вчерашниот ден бомбардирано беше уметничкото училиште во градот каде се криеле 400-тини цивили. Училиштетот се наоѓа во непосредна близина до тетараот кој минатата недела беше гранатиран, а каде цивилите се уште чекаат да бидат излечени од под урнатините.
-Се надевам дека луѓето што гледаат ова на вестите ќе разберат дека Украинците не се виновни. Ние само се обидувавме да останеме и да растеме како нација во нашата земја. Не напаѓавме туѓа земја. Да, тоа се политички игри. Тоа е дипломатија. Но, во моментов, животите на луѓето се загрозени, вели Јулија Грицај, украинска бегалка.
Во Киев загинаа осум луѓе, таку продолжија бомбардирањата кои се повеќе доближуваат до центарот на градот. Засега тешките битки се водат во северниот дел од престолнината, но украинската страна вели дека рускиот напредок од таа страна е запрен. Воведен е полициски час во Киев којшто ќе трае од 20 часот вечерва до седум изутрина во среда.
Украинската делегација потврди дека преговорите за прекин на огнот продолжуваат и ќе се одвиваат како и претходно преку видео врска. Украинската страна предвидува дека ќе продолжат уште неколку недели. Позицијата на руските преговарачи велат дека стана „поразумна“ и пореална.
Претседателот Зеленски побара воена помош од Израел, но во својот говор потсети и на прогонот на Евреите за време на Втората светска војна.
-Сите во Израел знаат дека вашата ракетна одбрана е најдобра и моќна, сите знаат дека вашето оружје е силно, сите знаат дека сте одлични и знаете како да ги браните вашите национални интереси, интересите на вашиот народ и дефинитивно можете да помогнете во одбраната на нашите. Заштитете ги нашите животи, животите на Украинците и еврејските Украинци, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Израелскиот премиер Нафтали Бенет од аеродромот од каде се испраќаше нова пратка хуманитарна помош за Украина, односно монтажна болница која ќе биде поставена во близина на полската граница, одговори дека И покрај тоа што Израел ја осуди руската инвазија, се воздржа од преземање дејствија што би ја налутиле Москва поради загриженост дека ќе ја загрози воена координација во соседна Сирија.
-Израел ја пружа своја помош во украинската криза веќе неколку недели, уште од првиот момент, преку различни канали. Ние менаџираме со оваа криза на чувствителен, дарежлив и одговорен начин, истовремено балансирајќи различни и сложени аспекти, истакна Нафтали Бенет, премиер на Израел.
За нападот врз хемиската фабрика во близина на источкиот украински град Суми, каде беа потребни часови за да се запре излевањето на 50 тони амонијак, Русија ги обвини, како што рече „украинските националисти“, иако предходно украинската страна објави дека руска граната паднала врз фабриката. Денеска руските воени сили излегоа со прецизна статистика за запленетата и уништена украинска воена опрема.
-Од почетокот на воената операција уништени се вкупно 216 беспилотни авиони, 180 против воздушни ракетни системи, 1.506 тенкови и други оклопни возила, 152 повеќекратни ракетни фрлачи, 592 теренски артилериски парчиња и минофрлачи, како и 1.284 парчиња специјални воени возила, изјави портпаролот на руското Министерство за одбрана, Игор Конашенков.
Бројот на луѓе кои досега ја напуштија Украина надмина десет милиони, јавуваат ОН според чии проценки бројот на бегалци се очекуваше да биде околу седум милиони Украинци.
Билјана Ставрова
