По неколкунеделно тактизирање и доцнење, Советот на јавни обвинители конечно избра 5 јавни обвинители за Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.Вусшност реизбрани се истите обвинителки на кои им истече првиот мандат во истото обвинителство.
Избрани се Ивана Трајчева, Марија Ѓоргева, Валентина Беслимовска, Сузана Мирческа–Кузмановска и Енѓулуше Кадриу–Леши и тие ќе продолжат да работат во тимот на Русковска.
Меѓу кандидати кои отпаднаа се и поранешниот раководител на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Златко Биковски, поранешната обвинителка во СЈО Елизабета Јосифовска, како и Наташа Сарамандова. Кандидатката Имран Османи (беше дел од првиот состав на организиран криминал од 2008-ма година до 2012-та) доби негативни оценки.
Од трката отпадна и гостиварскиот обвинител Арсим Адеми кој ја направи спогодбата со Зоран Милески Кичеец за сообраќајната несреќа во која Кичеец предизвика еден загинат и 7-мина повредени. Адеми не доби доволно гласови, а Советот на јавни обвинители претходно доби известувања од ДКСК дека овој обвинител добил глоба затоа што не соработувал со антикорупциската комисија. Казната се уште не ја платил, а не сакал да споделува информации за кривичен предмет со стечаен управник и неисплатени стечајни работници на гостиварско јавно претпријатие.
За пресудата за Кичеец, ДКСК исто така отвори предмет бидејќи обвинителот Адеми навел дека сопругата на загинатиот, оштететна во предметот му оставила на обвинителството само да долучи дали ќе се придружи или ќе се откаже од кривичен прогон на обвинетиот Кичеец.
Вообичаено, обвинителот треба да ги штити и правата на оштетените и соодветно да ги информира за постапките во кои тие може лично да одлучат дали се откажуваат или се приклучуваат на кривичен прогон.
За профилот и делата на обвинителот Адеми, минатиот викенд имаше ТВ прилог на емисијата КОД на ТВ Телма.
