Во Куманово на над 80 локации има диви депонии, надлежните велат дека тие ги чистат но несовесните граѓани на исто место повторно фрлаат ѓубре и шут.
Локалната самоуправа е немоќна да се справи со овој проблем, градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски, вели дека само од една локација биле изнесени над 150 камиони тежок смет.
Ние не можеме да исчистиме толку колку што се создаваат диви депонии и покрај тоа што Куманово има една од поуредни депонии во државата, а со помош на европската унија депонијата Краста ќе биде затворена со отворање на нова фабрика за смет на потегот спрема Свети Николе. Нашата депонија ќе биде трансфер станица, а се надевам дека за четири години ќе се заврши овој проект, вели Димитриевски.
Од постоечките диви депонии кај Туш, реките Којнарка, Кумановка и Липковка, локацијата Проевце, а последната масовна појава е дивата депонија во населбите долно и горно Којнаре од каде граѓаните секојдневно се јавуваат и реагираат и се отвора прашањето што ние како локална самоуправа можеме да направиме да ја заштитиме животната средина, бидејќи овој проблем не може да го реши некој друг, вели Димитриевски.
Според градоначалникот за решавање на овој проблем треба да се вклучат и државни институции посочувајќи го министерството за внатрешни работи.
Проблемот не е само со физички лица, тука се вклучени и голем број на правни лица, секојдневно гледаме дека камиони транспортираат градежен шут и отпад до дивите депонии од страна на организирани превозници, а ние како институции не преземаме доволно за решавање на овој проблем, изјави Димитриевски.
Каде граѓаните може да се јават и да пријават кога ќе видат дека некој фрла ѓубре и ја загадува животната средина, праша Тони Димитриевски, граѓанин.
Имаме документирано со слики и видеоснимки како несовесни граѓани фрлаат ѓубре во реката и палат смет, а никој ништо не санкционира. Проблемот е голем за градот, а особено за станбениот кварт на Октомвриска револуција каде константно го имаме истиот проблем со жителите на населбата Средорек, реагира Димитриевски.
Тој вели дека пријавувал во полиција но му кажале дека тоа не е во нивна надлежност.
Бобан Бојковски, раковидител на Сектор за инспекциски надзор, вели дека немаат можност да направат идентификација на граѓаните според доставените снимки и фотографии. За да можат да реагираат и да санкционираат по пријава им треба име и презиме или регистарски број на возила.
Според информациите и извештајот на Секторот за инспекциски надзор во 2021 година биле изречени 33 казни, 54 писмени опомени и 515 граѓани биле усно опоменати.
Проблемот како што вели Бојковски е поголем, бидејќи во Куманово нема место каде би се изнесувал градежниот шут.
Ние секојдневно реагираме во рамките на нашето работно време, но по завршувањето на работното време и преку ноќ тие го изнесуваат шутот, ние немаме капацитет 24 часа да ги контролираме, вели Бојковски.
Лидија Ланг, раководител на Секторот за комунални работи, инфраструктура и сообраќај и заштита на животната средина и природата, вели дека според деловниот урбанистички план немаат предвидено локација за депонирање на градежен шут, за да се определи таква локација треба да се пристапи кон изготвување на урбанистичко планска документација со сите релевантни одобренија за пропустливост на земја, за загадување на подземни води доколку би се складирал тој отпад таму. Секторот за урбанизам треба да поведе иницијатива за изградба на депонија за складирање на градежен шут, вели Ланг.
Сузана Андоновиќ
