Четири социјално загрозени семејства кои лани во август останаа на улица откако во голем пожар изгореа бараките во прилепската населба Варош, бараат помош повторно да ги обноват своите домови.
6 месеци живеат под кирија, иако повеќето од нив се без работа , поради што не се во можност сами да инвестираат. Очекуваат помош од општината и државата, но и од донации
-Не знаеме до кога ќе бидеме под кирија, значи во секој момент сме без покрив над глава. Бараме да ни се овозможи да изградиме нешто, дали од општината или од хумани луѓе да донираат нешто, материјал, да дојдеме до покрив над главата. Во секој момент може да не избркаат, немаме средства, не сме вработени, вели Тони Лоџев.
Големиот пожар се случи летоска, на 5 август во помошна просторија на една од бараките, по што огнот се проширил и на другите и сите изгореа до темел, а 15 луѓе останаа на улица.
-Општината ни рече одете под кирија, ќе ви плаќаме кирија, струја, но ништо од тоа. Ни ветија дека ќе ни изградат нешто, но и од тоа ништо. Чекаме , еве дојде зима. Ние не сме моќни да ги изградиме, не сме моќни финансиски, сега во ова време куќа да правиш, не сме во можност, не сме вработени, вели Лоџев.
Од општина Прилеп велат дека во ноември лани од локалниот буџет на секое семејство му било исплатено по 50 илјади денари еднократна парична помош, што е единствен начин законски да им се помогне.
За другите барања на оштетените велат дека не се во можност да им излезат во пресрет.
Инаку овие бараки се изградени пред 20 години и доделени на социјално загрозени семејства кои сега останаа без покрив над главата
Емилија Мисирлиевски
