Атрактивно земјиште во центарот на Скопје се продава по цена од 7 евра за квадратен метар. ВМРО-ДПМНЕ алармира дека оваа цена буди сомнеж за незаконска позадина и прашува зошто продолжува бетонизацијата на Центарот.
Повторно во општина Центар, овојпат спроти зградата на Нова Македонија, кон приватен инвеститор продаваат државно земјиште за сума од неверојатни 7 евра за м2, поточно смешни 438 денари за м2. За информација, на таа локација земјиште се продава и по многу повисока цена а станбен или деловен простор доаѓа и до 2.000 евра. Е тука, продаваат градежно земјиште за 7 евра по квадрат. На истава локација се планира изградба на деловен објект во висина од 15 ката. Значи 15 ката висина, кога ќе помножиме со по 2.000 евра за м2 доаѓаме до вредност од 30.000 евра за м2 а општина Центар и министерството за транспорт и врски дозволуваат продажба од само 7 евра за м2, обвини Синиша Ивановски од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ пак тврдат дека цената по која земјиштето било продадено била утврдена од страна на владата на ВМРО-ДПМНЕ.
За тоа постојат и документи кои потврдуваат дека преку „Уредба за висината на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежно земјиште“ е одредена цена за приватизација на градежно земјиште согласно намената на објектот што на него ќе се гради, тврдат од СДСМ.
