За две години граѓаните ќе имаат бесплатен јавен превоз, а ќе се набават и електрични автобуси, порача вечерва во Вин Вин на Телма градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. Тврди дека во моментов градот е презадолжен и нема средства во буџетот, но тоа не значи дека автобусите нема да бидат набавени.
-Ќе има 250 еко автобуси. Тоа е амбициозна програма, но е и мој фокус и ќе не стави на мапата на чисти, еколошки градови. Има донатори и квалитетни фондови за оние што сакаат да се придвижат кон зелената транзиција, истакна градоначалничката.
Таа информира и дека за помалку од неколку месеци ќе се реализира проектот за пречистетелна станица, а капиталниот проект во кој еден од партнерите е Европската банка за обнова и развој, според Арсовска треба да почне во септември и ќе овозможи да се прочистат над 90 проценти од урбаните отпадни води во Скопје.
Во врска со Универзална сала, градоначалничката напомена дека сегашното решение не ги исполнува стандардите и не е технички квалитетно, а проектот е успорен зашто некој претходно направил грешки. Арсовска тврди дека ниту еден проект во градот нема да биде стопиран доколку е во интерес на граѓаните.
-Груба лага и манипулација е дека се стопираат проекти. Ништо не е застанато. Се што е во интерес на граѓаните ќе продoлжи, но не на нивна шета и за да се зачува нечиј интерес, децидна е Арсовска.
Во однос на дотациите, Аросвска рече дека ЗЕЛС бара од Владата да си ги испочитува обврските. За проблемите на општините, пак, и ЗЕЛС, истакна дека мораат да седнат на маса со Владата.
