Европската унија е обединета во силната поддршка на сувереноста на Украина и на украинскиот народ. Според евро-амбасадорот Дејвид Гир, местото на Украина е во европското семејство.
- Украина и Европската унија никогаш не биле поблиски. Украинските граѓани, кои храбро се борат за европските вредности, заслужуваат да бидат во ЕУ. Сега треба што е можно поскоро да се отворат пристапни преговори а паралелно да продолжат реформите. Ова е одлука што треба да ја донесат европските лидери, вели Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на ЕУ во РСМ
Според францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер, приоритет за ЕУ и за Франција како претседавач е поддршка на Украина како жртва и изолирање на Русија како агресор, а не членството на оваа земја во ЕУ. Двајцата амбасадори уверуваат дека сосема е различен случајот на Македонија и дека Украинското барање нема да го забави нашиот интегративен процес. Амбасадорите советуваат продолжување на реформите и давање шанса на дијалогот.
- По прашањето на европската интеграција, приоритетот не е во Украина туку во овој регион, уште повеќе во оваа земја и во Албанија. Почнат е процес што ветува и треба да му дадеме шанса да се оствари во најдобри можни услови. Европските институции и француското претседателство внимателно го следат и ќе ја преземат секоја корисна активност за да се стигне до заедничката цел: што побрзо отварање на преговорите за членство во ЕУ, вели Сибил Баумгартнер, амбасадор на Франција во РСМ
Амбасадорите Гир и Баумгартнер посочија дека ЕУ има стратешки интерес да ја види Македонија како членка на ЕУ, но продолжувањето на реформите е услов, додека новиот геополитички контекст ја зајакнува важноста од стабилизирање на регионот.
Соња Николовска
