Вести Македонија Топ вести

Ослободен македонскиот дипломат Миленкоски уапсен по ерменска потерница во Србија пред 5 месеци

Пред три дена од затворот во Врање е ослободен Миле Миленкоски кој на крајот на август беше уапсен во Србија по ерменска потерница.

Миленкоски беше дипломат кој се враќаше од мисијата на ОБСЕ во Виена каде беше назначен за претставник на државата.

Во притвор помина 5 месеци, а барањето за екстрадиција беше отфрлено од Апелациониот суд во Ниш, каде Миленкоски се жалеше.

Веднаш по апсењето, МНР му го поништи дипломатскиот пасош на Миленкоски, а освен што бараше информации за случајот преку амбасадата во Белград не упати никаква друга помош за притворениот македонски државјанин.

Од семејството на Миленкоски за Телма, потврдија дека дипломатот деновиве е ослободен и е во Македонија, а во моментот се консултира со адвокати за неговите идни чекори во врска со случајот кој беше медиумски оценет како скандал, како и поради претрпената штета на честа и угледот.

Други детали не беа соопштени од страна на негови блиски.

Миленкоски беше осомничен за вмешаност во авионска евакуација на  македонскиот бизнисмен Бранислав Димитријевиќ осомничен за кривични дела во Ерменија, а поврзани со повеќе високи ерменски функционери при изградба на авто-патишта. Извлекувањето на бизнисменот било извршено на 1-ви октомври 2019-та година, кога според ерменското обвинителство 4-ца македонски државјани од кои тројца со дипломатски пасош со авион го извлекле Димитријевиќ од Ереван којшто при бегството користел туѓ пасош.

Меѓународната потерница за Миленкоски е распишана на 25-ти февруари 2020 година. Од МВР никогаш не одговорија кога ја примиле, дали го известиле МНР и дали постапиле по неа. МНР пак се повика дека немале информација за потерницата и го избрале Миленкоски да ја претставува државата во ОБСЕ во Виена каде тој бил повеќе пати дипломатски претставник.

При враќање во Македонија од Виена, Миленкоски со автомобил на унгарско-српската граница поминува без проблеми со дипломатскиот имунитет, но е уапсен на преминот Прешево-Табановце на 27-ми август лани.

Ерменската потерница барала испорака, но Апелациониот суд во Ниш врз основа на она што им е испратено утврдиле дека од ерменска страна, „не е приложен ниту еден доказ, односно наведените одлуки што би потврдиле основано сомневање“, не само во поглед на делата што му се ставаат на товар, туку и за неговото дејствување во рамките на „организирана група – улога“ како што стоело во потерницата по која што е уапсен. Одлуката, судот во Ниш ја донел на 28-ми јануари во петок по што Миленкоски е ослободен.

За бегството, Ерменија има распишано потерница по вкупно тројца граѓани од кои двајца се дипломати, а еден поранешен дипломат во МНР. МНР досега не се изјасни што ќе стане со Миленкоски и неговата дипломатска кариера по ослободувањето затоа што веќе му е укинат и дипломатскиот статус и дипломатскиот имунитет кој доаѓа со статусот. Дипломатскиот пасош на Миленкоски е поништен веднаш по апсењето.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ФОТО/ВИДЕО: Превртен автомобил на Партизанска во Скопје

Дејан Дејан

Кој со кого ќе коалицира и кои се црвените линии на албанските партии за учество во новата влада

Дејан Дејан

Ковачевски: Разговараме со партии на повеќе нивоа

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе