Вести Економија Македонија Топ вести

За 230 отсто зголемени цените на гасот во Куманово – голем дел од потрошувачите кои се затоплуваа на гас ги откажуваат договорите

Зголемувањето на цената на гасот за 230 проценти од страна на јавното претпријатие Куманово гас ги натера корисниците да го откажат користењето на овој енергенс. Цената на гасот од 30 денари за метар кубен е покачена на 80 денари или ако едно домаќинство месечно плаќало 2500 денари сега ќе треба да плаќа над 8000 денари. Освен приватните корисници, услугата ја откажале и повеќе правни лица, а болницата распишала тендер за снабдување со гас, но, во меѓувреме го повлекла, информираше новиот директор на Куманово Гас, Марко Митровски.

Митровски вели дека цената морале да ја покачат бидејќи од снабдувачот им било кажано дека набавна цена е покачена

– Од Пром гас, компанијата која ни е снабдувач добивме најава дека ќе има големо покачување, цената кон нас е 75 денари по метар кубен, гас имаме во доволни количини, уште на почетокот на месец декември склучен е договор со снабдувачот за месец јануари каде што беше побарано од наша страна некаде околу 140.000 метри кубни гас за месец јануари. Со оглед на настанатата криза во цела Европа така и кај нас, ние добивме за користење 93.000 метри кубни гас, тоа е некаде околу 3.000 кубици по ден. Болницата пред некој ден распиша тендер за снабдување со гас, меѓутоа нешто го повлекоа, не знаеме што е, ни стигна дојава од Биро за јавни набавки, други поголеми кои веќе имаат почнато процедура во фаза на проектна документација се ОУ „Карпош“ во центарот на градот, детска градинка „Пчелка“, центар за социјални работи, Театар. Планот за 2022 година е да дојдеме со гасоводната мрежа до ОУ „Толи Зордумис“, средно техничко училиште „Наце Буѓони“, касапски круг, полициска станица, индустриска зона Доброшане, изјави Марко Митровски, директор на ЈП „Куманово-гас“.

Меѓу правните лица, карактеризирани како поголеми потрошувачи кои ја имаат откажано услугата се библиотеката „Тане Георгиевски“, домот за стари лица „Зафир Сајто“, градинките „Развигорче“ и „Синоличка“, а најава за откажување има и од гимназијата „Гоце Делчев“.

Директорката на детската градинка „Ангел Шајче“, Марина Алексовска, во врска со откажувањето на затоплување со гас во два објекта, вели дека така одлучиле откако од претходниот директор на ЈП „Куманово-гас“ добиле информација дека не само што цената на гасот е многу зголемена, туку и дека имаат ограничена количина на гас.

Ние како установа работиме со деца и не би можеле редуцирано да го користиме, за нормално затоплување на објектите каде се згрижени децата, а го користиме овој енергенс во вкупно четири објекти, два останаа на гас, а два објекти ги префрлуваме на екстралесно гориво, – Марина Алексовска Директорка на детска градинка „Ангел Шајче“

И директорот на домот за стари лица „Зафир Сајто“, Дејан Стојановски вели дека и поради зголемувањето на цената и ограничувањето на потрошувачката на гас морале да ја откажат услугата. Природата на оваа установа не може да трпи да не ги загреваме просториите каде се згрижени стари лица. Имаме набавено нафта за затоплување до месец февруари, информира Стојановски.

Надлежните најавуваат и планираат проширување на гасификациската мрежа на повеќе улици во градот. Претпријатието сега, според директорот, е во стабилна финансиска состојба, но како ќе опстане сега по откажувањето на услугата од страна на корисниците?!

Приклучокот на гасификациската мрежа чини 800 евра, од кои 15.000 денари субвенционира општината. Досега има приклучено 90 приватни субјекти и 26 правни лица. Надлежните се надеваат дека болницата ќе биде следниот и еден од најголемите потрошувачи на гас во Куманово.

Митровски е првиот назначен директор на јавно претпријатие кој доаѓа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно функцијата в.д директор на „Куманово-гас“ ја извршуваше Никола Денковски од СДСМ.

Сузана Андоновиќ

 

 

 

 

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

40 дена притвор за Беким Красниќи, уапсен на Косово

Дејан Дејан

Скопјанец загина во сообраќајка на експресниот пат Штип-Кочани, жена му и двете деца се повредени

Дејан Дејан

Хозе Раул Мулино избран за претседател во Панама

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе