Европските и азиските земји денеска ги заострија ограничувања за патување, откако во Јужноафриканската република беше откриена нова варијанта на коронавирусот со најголем број мутации досега, но сè уште не е познато дали е поопасна од претходните соеви. СЗО вели дека е избрзано.
Велика Британија, Германија, Израел Сингапур и Јапонија воведуваат забрана за летови од ЈАР и соседните земји, по појавата на нова варијанта на коронавирусот со најголем број мутации. ЕУ предлага да се забранат летовите од тој регион во целата Унија.
- Европската комисија ќе предложи во тесна координација со земјите-членки да се активира итна забнрана, да се запре воздушниот сообраќај од јужноафриканскиот регион поради новата загрижувачка варијанта, изјави Дана Спинант, портпарол на Европската комисија.
Сепак СЗО, по денешната итна седница оцени дека препораките за воведување рестрикции при патувањата се избрзани.
Велика Британија веднаш воведе забрана за директни летови од шест африкански земји. Британците и другите патници кои се враќаат од ЈАР, Боцвана, Намибија, Зимбабве и Лесото ќе мора да поминат десетдневен карантин пред да влезат во земјата. Истата забрана ја воведе и Израел.
Јужноафриканското Министерство за надворешни работи смета дека ова е преизбрзана одлука и потсети дека Светската здравствена организација се уште нема дадено никакви насоки во однос на новата варијанта. Германските власти денеска објавија ограничувања на летовите од Јужна Африка.
- Нашата цел треба да биде колку што е можно повеќе да ја спречиме оваа варијанта да влезе. Последното нешто што ни треба во оваа ситуација е да се воведе новата варијанта. Би сакал да додадам дека сме многу благодарни на јужноафриканските власти за нивната транспарентност, изјави Јенс Шпан, германски министер за здравство.
Европската комисија денеска соопшти дека ќе го ограничи воздушниот сообраќај од ЈАР поради страв од ширење на инфекцијата. Новата варијанта е најзагрижувачката што сме ја виделе досега, изјави главниот медицински советник на Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство, Сузан Хопкинс.
Таа истакна дека вредноста Р во Гау- тенг, каде што е пронајдена новата варијанта, сега е два, што е „навистина е прилично висока“, односно, секој инфициран го пренесува вирусот на уште две лица.
Билјана Ставрова
