Ковид19 Македонија Топ вести

Бесплатни ПЦР тестови за вработените во администрацијата бараат синдикатите

Бесплатни ПЦР или антигенски тестови се можното соломонско решение за дел од синдикатите за спроведување на најавената мерка – јавната администрација и здравствените работници да не можат да влезат на своето работно место ако не се целосно вакцинирани или ако не приложат негативен ПЦР тест, а приотоа да не се загрози правото на работниците од работниот однос.

Од Синдикатот на управата и правосудните органи УПОЗ за Телма велат дека предлог-мерката е премногу општа и недопрецизирана.

„Дали вработените ако не поседуваат две дози на вакцинација или една или пак не можат да набават ПЦР тесТ, што ќе се случи со нивното непојавување на работа. Значи, во самиот Закон за работни односи укажува дека три последователно недоаѓање на работа значи прекин на работниот однос. И тоа последните закони тоа го дорегулираат, па така да имаат можност вработените да се соочуваат и со дисциплински постапки, парични казни, намалување на нивото на работа, уназадување во кариерата“, вели Трпе Деаноски, генерален секретар на УПОЗ.

Дополнително за УПОЗ е неприфатливо и вработените од администрацијата чија просечна плата е, како што велат, 20.000 денари сами да ги плаќаат ПЦР тестовите за да можат да одат на работа. Тие, “вин-вин” решение, меѓу најавените мерки и правата на работниците гледаат во тоа државата да обезбеди бесплатни ПЦР или брзи тестови за административците кои не се вакцинирани.

„Би можело државата да размисли, како што беше случај во другите држави во регионот, да ги набави оние бесплатни брзи тестови, па вработените да можат да ги прават тие тестови кога се на работното место или пред влез на работно место и би знаеле дали се или не се позитивни“, вели Деаноски.

Од УПОЗ информираат дека доколку не се успее да се допрецизира спроведувањето на предложената мерка, тие би побарале одложување на мерката.

Во бесплатни ПЦР тестови начин за спроведување на најавената мерка гледаат и од Самостојниот синдикат на Клиничкиот центар. Тие иако се децидни во ставот дека целиот медицински персонал треба да се вакцинира против Ковид-19, во најавената мерка гледаат многу нејаснотии и делими.

„Прво се кажува дека таа вакцинација не е задолжителна, а во исто време се бара вработениот ПЦР тестот сам да го наплати. Малку едно со друго е контрадикторно. Коректно би било тие брзи тестови, бар брзите тестови за ПЦР да бидат на трошок за здравствено осигурување“, вели д-р Горан Беговиќ, претседател на Самостојниот синдикат на Клиничкиот центар.

Според Беговиќ не може нешто да биде слободен избор ако во текот на месецот тоа претставува обврзувачки финансиски товар за вработениот. Освен тоа за Синдикатот на клиничкиот центар спорна е и границата од само 45-те дена природен имунитет на прележаните од коронавирус, што ги ослободуваат вработените од обврската за вакцинација или ПЦР тест.

„Во однос на имунитетот на оние што ја прележале болеста Ковид-19 не би смеело тој имунитет да биде 45 дена, минимум би требало да биде шест месеци. Доколку Комисијата за заштита од заразни болести има други сознанија или препораки би требало, барем на нас во стручната фела, да не извести за тоа и да ни ги соопшти тие сознанија и препораки“, вели Беговиќ за Телма.

Според Беговиќ, Комисијата за заразни болести треба да се произнесе и за тоа, дали  луѓето со високо ниво т.е. титар на антиела по прележан коронавирус треба да се вакцинираат.

Инаку и од двата синдикати кои денеска ги контактираше Телма, по вчерашната најава на министерот за здравство Венко Филипче дека утре со синдикатите ќе разговара за начините за спроведување на најавената мерка за вакцинација за јавната администрација, велат дека до нив се уште не стигнала покана за состанок во Министерството, но ако ја добијат ќе ја прифатат.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ДИК: Нема да има прегласување на трите гласачки места во Куманово

Дејан Дејан

Како се трошат милиони: Десет од избирачки одбор пребројувале 7 гласови и чекаат втор круг на далечниот исток

Дејан Дејан

МЗ: За случајот со Токсикологија ќе се постапи согласно добивањето на заклучоците од инспекциските надзори

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе