Вести Свет

Хаос на улиците во Судан, воените сили го уапсија премиерот и други членови на преодната влада

Суданските демонстранти се собраа на улиците на Картум во по повикот на главната продемократска група во земјата до луѓето да се спротивстават на воениот удар.

Министерството за информации на Судан информираше дека воените сили приведоа голем број високи владини личности меѓу кои и суданскиот премиер Абдулах Хамдок и други членови на преодната влада, го прекинаа пристапот до интернет и блокираа мостови во главниот град Картум.

Хамдок одби да го поддржи државниот удар, а армиската единица го приведе и го однеле на непозната локација, соопшти министерството.

Најголемата политичка партија во земјата – УМА, ги опиша апсењата како обид за државен удар и ги повика луѓето да излезат на улица во знак на отпор.

Претходно, сличен повик објави и Здружението на судански професионалци, група која ги предводи барањата за транзиција кон демократија.

Евентуалното преземање од страна на војската би било големо назадување за Судан, кој се бори со транзицијата кон демократија откако долгогодишниот автократ Омар ал-Башир беше соборен со масовни протести.

Апсењата доаѓаат по неколкунеделни зголемени тензии меѓу цивилните и воените лидери на Судан.

За случувањата во Судан со реакција се јави шефот за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел, кој на Твитер напиша дека со „најголема загриженост“ ги следи настаните во североисточна африканска земја.

„ЕУ ги повикува сите засегнати страни и регионални партнери да го вратат на колосек процесот на транзиција“, напиша Борел.

Американскиот специјален пратеник за Африканскиот рог Џефри Фелтман рече дека Вашингтон е „длабоко вознемирен“ и посочи дека воен удар ќе ја загрози американската помош за сиромашната земја.

„Како што постојано велиме, секоја промена на преодната влада со сила ја става во опасност американската помош“, напиша американското биро за африкански прашања на Твитер.

Реакција пристигна и од Обединетите нации. Специјалниот претставник на ОН во Судан, Фолкер Пертес рече дека светската организација е „длабоко загрижена“ поради обидите да се поткопа политичката транзиција во Судан.

„Пријавените притворања на премиерот, владини претставници и политичари се неприфатливи“, изјави Пертес.

Арапската лига исто така изрази „загриженост“ поради случувањата во Судан.

„Генералниот секретар на Арапската лига Ахмед Абул Геит изрази длабока загриженост за случувањата во Судан“, се вели во соопштението на панарапскиот блок.

Тој ги повика сите страни да се придржуваат до договорот за поделба на власта од август 2019 година.

Неуспешниот обид за државен удар во септември ја растури земјата по старите линии, спротивставувајќи ги поконзервативните исламисти кои сакаат воена влада против оние кои го соборија Ал Башир пред повеќе од две години на масовни протести. Политичката транзиција договорена по неговото соборување требаше да доведе до избори до крајот на 2023 година.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Екстремно високи температури на Филипини

Дејан Дејан

Јамајка ја призна Палестина

Дејан Дејан

Десетина граѓани се пожалиле кај Омбудсманот за повредено избирачко право

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе