Огромен број докуманти кои БиБиСи ги добил покажуваат дека многу држави лобираат за вметнување измени во драфт верзијата на научниот извештај за климатските промени на ООН. Земји како Саудиска Арабија, Јапонија и Австралија се само дел од државите кои бараат од Обединетите нации од извештајот да ја извадат препораката дека треба најбрзо што може да се намали зависноста од фосилните горива. Исто така од документите може да се види дека некои од најбогатите земји не сакаат да ја финансираат транзицијата на посиромашните земји кон позелени технологии. Токму премостувањето на тие разлики помеѓу богатите и сиромашните, според еврокомесарот Франс Тимерманс, е најголемиот предизвик за меѓународната заедница.
Потребна ми е техонологијата и таа треба да биде споделена. Но, зошто бизнисот би ја споделил? Бидејќи е во нивен интерес. Што треба да се направи? Треба да се направи стабилна инвестициска клима. Треба да се борите против корупцијата. Треба да направите така што ќе биде интересно за странските инвеститори да дојдат и да ја споделат тефнологијата. – изјави Франс Тимерманс – Потпретседател на ЕК задолжен за климатски прашања
Земји како Австралија, Индија и Кина тврдат дека употребата на јаглен за производство на електрична енергија најверојатно ќе се користи уште децении, оправдувајќи го предвидувањето со фактот што пронаоѓањето на друг начин за производство на ефтина енергија се покажува како огромен предизвик.
Исто така голем број на земји, меѓу кои претходно спомнатите плус Норвешка, Аргентина и земјите членки на ОПЕК, се залагаат за воведување во широка употреба на нова, но и исклучително скапа технологија, која ќе го собира јаглеродниот диоксид од атмосферата и ќе го складира под земја. Тоа значи дека најголемиот број од земјите во светот, не можат да си ја дозволат оваа технологија.
Но, Тимерманс смета дека решението на проблемот не смее да биде на штата на посиромашните земји и сподели како унијата планира да го надмине овој предизвик.
„30 региони каде се ископува јаглен во ЕУ, сѐ уште треба да се одвикнат од јагленот. Тоа е огромна операција. Треба да бидеме сигурни дека ќе биде направена на праведен начин за да можат да имаат економска иднина во тие региони, дека ќе ја обучиме и преквалификуваме работната сила за да си најдат нови работи, дека ќе донесеме нови економски активности во тие региони.“
Најголемиот дел од 32.000 документи, сепак се конструктивни предлози за подобрување на извештајот, од страна на држави и организации, но сепак не е незначителен бројот на земјите кои имаат забелешки. Бразил и Аргентина се противат на податоците кои покажуваат дека намалувањето на конзумпцијата на месо, ќе ги намали стакленичните гасови за 50 проценти. Швајцарија сака да бидат внесени измени во делот од извештајот кој се однесува на финансиската помош за посиромашните земји, а Чешка, Полска, Словачка и Индија сметаат дека нуклеарната енергија може да игра позитивна улога во остварувањето на сите 17 цели за одржлив развој на ООН.
Игор Трајков
