Солзавец и водени топови и вечерва употреби полицијата за да ги растера демонстрантите во Љубљана, кои веќе четврта недела протестираат против ковид мерките. Најавено беше пристигнување на 30-тина автобуси, кои требаа да донесат дополнителен број на противници на ковид мерките, но на влезот од главниот град беа спречени од полицијата. А уапсен е организаторот на протестите. Потоа демонстрантите почнаа да се движат кон претседателската палата, каде што полицијата формира кордон за да спречи понатамошно движење. Но, бројот на демонстранти брзо се зголеми, а полициската коњаница излезе на место на настанот, но беа дочекани со камења и факели.
На помош на коњаницата, на терен излезе и специјалната полиција кои го засилија отпорот. Словенечките медиуми јавуваат дека биле нападнати и новинари кои известувале од терен.
Демонстрантите протестираат против воведувањето ковид пасоши за сите вработени во администрацијата, треба да поседуваат сертификат за целосна имунизација или на два дена да прават ПЦР тест.
За утрешниот самит ЕУ – Западен Балкан, словенечката влада во понеделникот го активираше членот од законот според кој на полицијата и се дозволува да го ограничува сообраќајот во некои делови од Љубљана, Блед и Брдо кај Крањ.
