Дипломатот од скандалот со Ерменија Миле Миленковски тврди дека е невин и бара да му се суди во македонија а не во ерменија. Од притворот во Врање испратил писмо до весникот Слободен печат, а неговиот адвокат пак од македонското обвинителство бара да биде гонет тука по службена должност. За сега од обвинителството не одговараат дали е пристигнато барањето.
Од Благодарност до роднините и пријателите и жалење за она што се случува па се до убедување дека не е виновен и дека треба да му се суди во земјава. Вака накусо може да се опише писмото кое поранешниот македонски дипломат Миле Миленкоски од затворот во Врање го испратил до редакцијата на Слободен печат. Вели дека не е виновен. Гонет е за недозволено преминување на државна граница“, што е дело кое според него е опфатено и со Кривичниот законик на земјава. Поради ова смета дека од Србија треба да биде тука испорачан, па ако го осудат затворската казна да ја издрежува во матичната држава.
- Писмо на Миле Миленкоски: Од страна на Судот ми беа доставени доказите од Ерменија. Во нив нема ништо што би укажувало на моја вина, ниту пак може да има. Копија од доказите е доставена до надлежните институции во РСМ. Верувам дека РСМ е правна држава и, оттаму, верувам дека надлежните ќе покренат брза постапка, со оглед на фактот дека во доказите за случајот се опфатени 7 лица, од кои 6 се државјани на РСМ. Притоа, РСМ би побарала од Република Србија да бидам префрлен во РСМ. На овој начин правдата би била задоволена и случајот комплетно разрешен, што е моја најголема желба во моментов.
Вчера адвокатот на Миленкоски до државното обвинителство го испратил барањето за преземање на кривично гонење по службена должност. Од обвинителството денеска нема информација дали навистина е пристигнато вакво барање. Телма контактираше и со семејството на Миленковски од каде велат дека до сите надлежни институции се испратени документи и докази за случајот на Миленковски. Од министерството за правда нема одговор дали ќе бараат екстрадиција за поранешниот дипломат или ќе чекаат тој да биде екстрадиран во Ерменија која го бара.
- Писмо на Миле Миленкоски: Жалам што поради тоа покрај мојот углед, со овој настан беше нарушен и угледот на МНР и на Владата на РСМ. За ништо на светот не би наштетил на мојата чест и углед, на семејството, на Министерството кое ми даде се во животот, ниту на Владата на РСМ. Бидете уверени дека ни во овој случај нема никаква вина кај мене, ниту прекршок, ни кривично дело, што е случај во целиот мој живот и кариера. Секако, тоа ќе го покаже и истрагата.
На 27 август Миленковски беше уапсен на границата меѓу Србија и Македонија по потерница на Интерпол која била издадена на 15 февруари 2020 година а по барање на Ерменија. емисијата КОД пак веќе објави дека Миле Миленкоски заедно со уште двајца македонски носители на дипломатски пасош Владимир Сарафов и Стево Симски во Ерменија се обвинети за кривично дело по член 239 од тамошниот Кривичен законик „илегално преминување на границата извршено од група по претходен договор или со употреба на насилство и оружје“. Обвинети се дека за пари му помогнале на македонски државјанин Бранислав Димитријевиќ со туѓ пасош и приватен авион да ја напушти Ерменија. Димитријевиќ е вмешан во огромен корупциски предмет против братот на поранешниот ерменски претседател Леван Саркисјан.
Билјана Николовска
