Поради проблеми во снабдувањето со гориво на бензински пумпи низ цела Велика Британија, се почеста слика се тепачки меѓу муштериите кои чекаат во ред. Една од таквите тепачки беше објавена на веб сајтот на весникот Сан.
Британците овие битки веќе ги нарекоа KUNG FUel, асоцирајќи на источната боречпка вештина. Сан ја предупреди својата публика дека снимките се вознемирувачки.
Кризата во снабдувањето со гориво се намалува, а состојбата се нормализира, тврдат властите во Британија откако наредија и војската да ги вози цистерните до пумпите. Во Британија гориво има, но нема кој да го развезува поради недостаток на десетици илјади возачи.
Проблемот се појави кога возачите, главно економски емигранти поради короната заминаа во родните земји, но потоа поради Брегзитот не успеаја да се вратат во Велика Британија.
Според здружението на шпедитери „Logistics UK“, како последица на оваа политика се појави недостаток помеѓу 90.000 и 120.000 возачи на камиони на пазарот на труд во Обединетото кралство. Владата одобри итни работни визи за повеќе илјади возачи.
Асоцијацијата на трговци со бензин (ПРА) објави дека има „рани знаци“ дека кризата на бензинските пумпи е при крај. „ПРА“ претставува околу 5.500 независни станици низ Британија и според нив уделот на нивните станици што пријавиле дека снемале бензин падна на 27% во средата.
Проблем сега претставува и редовно снабдување на продавниците и маркетите за храна, иако надлежните уверуваат дека никој нема да остане без пристап до прехранбени производи.
