Нерегулираниот престој и неосновани барања за азил од западно Балканските земји, плус Молдавија, Грузија и Украина, предизвика дискусии за суспендирање на безвизниот режим за патување во ЕУ, пишува ЕУОбсервер, повикувајќи се на интерен документ од ЕУ.
Објавувањето на документот доаѓа на почетокот на балканската турнеја на претседателката на ЕК Урсула фон дел Лајен, и еден ден откако Ројтерс објави друг интерен документ според кој Брисел повеќе не може да им гарантира членство на земјите од Западниот Балкан.
Според внатрешниот документ со датум од 27 септември, во кој ЕУОбсервер имал увид, Германија, Франција и Италија стануваат се повеќе фрустрирани поради „злоупотребата“ на визниот режим од страна на граѓани на земјите од Западен Балкан, како и на трите земји од Источното партнерство.
ЕК безвизниот режим го смета за значајно достигнување во односите меѓу ЕУ и земјите аспиранти, но добар дел од членките се незадоволни и според ЕУОбсервер, за активирањето на механизмот за суспензија на слободниот визен режим, во унијата веќе активно се дискутира.
За повторно воведување на визите, според механизмот, потребно од зголемување од 50 проценти на нерегулирани престои и барања за азил со ниска стапка на одобрување.
Во документот, Германија им замерува на Грузија, Молдавија и Украина, но исто така и Албанија и Србија, за кои вели дека биле меѓу 10 најпроблематични земји во поглед на почитувањето на законот за странци.
„Во случај на мал или никаков напредок од страна на третите земји, ЕК треба, според нашето мислење, да нагласи дека активирањето на механизмот за суспензија на слободниот визен режим е реална опција, навела германската делегација во документот.
Германија регистрирала зголемување од 429 проценти баратели на азил од Молдавија, за периодот јуни-август 2021 година, во споредба со истиот период во 2019 година. Слични коментари за Молдавија навела и Италија, која додава дека злоупотребите ги предизвикуваат организирани мрежи на криумчари на луѓе кои оперираат преку соседните држави.
Франција има замерки за Албанија, Грузија и Србија, додека Белгија забележала релативно висок број на баратели на азил од Македонија, но за сега тоа го смета како привремен „летен феномен“.
Единствена земја која до сега официјално побарала активирање на механизмот за суспензија на слободниот визен режим е Холандија, и тоа против Албанија во 2019 година, но нејзиното барање беше одбиено од ЕК.
