Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска во одговор на новинарско прашање соопшти дек во парламентот стигнало известување од Министерството за надворешни работи дека Љубомир Фрчковски ќе биде амбасадор на Северна Македонија во седиштето на ООН во Њујорк.
Џафери изјави дека во петокот конечно завршила седницата на Комисијата за надворешни работи, која беше закажана уште во април. На седницата своите палтформи ги презентирале четворицата нови амбасадори во Индија, Русија, Италија и во Австрија.
Спикерот истакна дека именувањето амбасадори е исклучиво во надлежност на извршната власт, на Владата и на шефот на државата, така што не гледа логика во тоа што во собраниската комисија се кочи давањето отчетност, затоа што амбасадорите таму само ги презентираат своите тези, а нема гласање.
Комисијата за надворешни работи ја води пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски.
Претходно имаше информации дека Фрчкоски ќе замине во Вашингтон како амбасадор во Соединетите Американски Држави. Тогаш надлежните институции ја прекинаа постапката за негово назначување за амбасадор во САД по кампањата што против него ја поведе Обединета македонска дијаспора (ОМД).
Фрчковски е универзитетски професор, поранешен министер за внатрешни и за надворешни работи и претседателски кандидат. Учествуваше и во пишувањето на првиот Устав на Република Македонија по прогласување на независноста.
Често имаше ставови кои во дел од јавноста беа оценувани како контроверзни, а претходната влада на Никола Груевски се обиде да го отстрани од јавниот живот со обид за негова лустрација.
