Вести Свет

Медиуми: Германија ја очекуваат месеци политичка неизвесност

Германците се соочуваат со месеци неизвесност откако социјалдемократите и демохристијаните добија исклучително блиски резултати на вчерашните парламентарни избори, пишува британскиот весник Тајмс.

Партијата на канцеларката Ангела Меркел, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), го бележи најслабиот изборен резултат, покажуваат податоците за исходот од изборната трка.

Германската социјалдемократска партија (СДП) победи на изборите со околу еден процент пред ЦДУ. И кандидатот за канцелар на СДП, Олаф Шолц и кандидатот за канцелар на ЦДУ Армин Лашет изјавија дека ќе се борат за функцијата канцелар, што значи месеци неизвесност за Германците, за време на кои двајцата претенденти ќе се обидат да формираат владејачка коалиција, наведуува Тајмс.

Левоцентристичката СДП освои најмногу гласови на вчерашните парламентарни избори во Германија и со мало водство ја победи ЦДУ на Меркел, пишува Дејли Телеграф.

Резултатите од изборите ја втурнаа Германија во политичка неизвесност и значат дека ќе бидат потребни недели, па дури и месеци, пред да стане јасно кој ќе биде наследникот на Меркел како канцелар. Шолц и Лашет вчера наведоа дека ќе работат на решавање на ситуацијата до крајот на оваа година.

Највпечатливата илустрација за поразот на ЦДУ на овие избори е победата на Социјалдемократската партија во изборната единица Мекленбург-Западна Померанија, каде Меркел победи на изборите осумпати од 1990 година.

Резултатите од изборите ги поттикнаа поддржувачите на социјалдемократите, за кои пред само неколку месеци повеќето набљудувачи рекоа дека нема шанси да победат на изборите.
Резултатите од изборите се личен успех за Шолц, чија кандидатура за лидер на СДП беше одбиена пред две години. Сепак, Шолц се врати во политичката борба, стана кандидат за канцелар на социјалдемократите и речиси исклучиво со сопствени напори успеа да ја промени судбината на неговата партија.

Германските социјалдемократи победија на парламентарните избори со кревко водство и со тоа ставија крај на 16-годишното владеење на конзервативците на Ангела Меркел, пишува Индипендент.

Според весникот социјалдемократите добија „јасен мандат“ да формираат нова федерална влада.

Резултатите од изборите во Германија покажуваат дека социјалдемократите добиваат помалку од два проценти предност пред демохристијаните на Меркел, пишува Њујорк тајмс.

– На социјалдемократите им е потребна поддршка од други партии за да формираат влада. Германците гласаа за промена, објави Њујорк тајмс.

Во Германија претстои борба за функцијата канцелар, пишува весникот Фигаро.

Вчера првпат во поновата германска историја, гласачите по избори не го слушнаа името на новиот канцелар при објавување на изборните резултати на телевизија. Кандидатот на социјалдемократите Шолц има кревка предност пред конзервативецот Лашет. Сепак, Лашет рече дека ќе продолжи да се бори да стане канцелар.

Шпигел: Почнува партијата покер

Според прелиминарните резултати објавени утрово за изборите во Германија, десноцентристичката Социјалдемократска партија (СПД) и нивниот лидер Олаф Шолц освоија 25,7 проценти од гласовите, пред конзервативната унија ЦДУ-ЦСУ, предводени од Армин Лашет со историски најниско ниво од 24, 1 процент.

Германија, која беше столб на стабилноста во ерата на Ангела Меркел, влегува во многу понепредвидлива фаза, при  каде ќе се соочи со тешки преговори за формирање на идната влада по парламентарните избори. Уште утрово, лидерите на различни партии што би можеле да се приклучат на идната коалиција се состануваат во Берлин и треба да навестат за можни сојузи.

Конзервативците никогаш не освоиле помалку од 30 проценти од гласовите, што за аналитичарите значи тежок удар за групата на Меркел во момент кога таа се пензионира политички.

Во Германија, гласачите не го избираат директно канцеларот, туку пратениците го избираат кога ќе се формира мнозинство во Парламентот.

„Почнува партијата покер“, објави Шпигел, посочувајќи дека по гласањето остануваат отворени основните прашања, како на пример, кој ќе биде канцелар и која коалиција ќе управува со земјата во иднина.

– Она што е сигурно е дека многу граѓани гласаа за СПД затоа што сакаат промена на владата и, исто така, затоа што сакаат идниот канцелар да се вика Олаф Шолц, истакна синоќа Шолц.

Неговиот ривал Армин Лашет од десниот центар, и покрај „разочарувачкиот“ резултат, не е подготвен да се приклучи на опозицијата.

– Ќе направиме се што можеме за да формираме влада предводена од коалицијата ЦДУ-ЦСУ, наведе Лашет.

„Јамајка“, „Семафор“ или „Кенија“ ќе владеат од Берлин

По знамињата на Јамајка, Кенија, но и по распоредот на боите на семафорот се наречени трите коалиции за кои допрва претстои договор. Најпопуларната комбинација засега е на Јамајка, црната боја е на ЦДУ/ЦСУ, зелената на „Зелените“, а жолтата се либералите од Слободни демократи (ФПД).

Сепак во моментот најмоќна е коалицијата „Семафор“ со црвените СПД, Слободните демократи (ФПД) и Зелени, додека најмалку шанси и се даваат на Кенија“  која во составот ги има двете најголеми партии ЦДУ/ЦСУ, СПД и Зелените.

Според последните информации, Бундестагот ќе има 735 пратеници, СПД ќе има 206, ЦДУ/ЦСУ 10 помалку (196), Зелените се 118, Слободните демократи ќе имаат 92 пратеници, десничарската Алтернатива -83, Левица -39 и уште еден пратеник од SSW.

Во Германија, само политичките партии преговараат за формирање нова влада. По претходните избори во 2017 година, сегашната голема коалиција беше формирана само шест месеци подоцна, што доведе до политичка парализа во Германија, особено за европските прашања.

СПД може да коалицира со Зелените, кои се трети со 14,8 проценти освоени гласовите и либералите на ФДП, десничарската партија која освои 11,5 отсто од гласовите.

Според анкетата на „Југав“ објавена синоќа, мнозинството гласачи се за првата опција, а 43 отсто од нив сметаат дека Шолц треба да стане идниот канцелар на Германија, најголемата европска економија.

Затоа, се ќе зависи од добрата волја на тие две мали партии, кои денеска весникот Билд ги нарече „креатори на кралеви“.

Лидерот на ФДП, Кристијан Линдер вчера изјави дека би било „пожелно“ неговата партија и еколозите да разговараат прво пред да одлучат дали да влезат во сојуз со конзервативците или со социјалдемократите.

– Сега водиме во сите анкети. Тоа е охрабрувачка порака и јасен мандат да се осигураме дека ќе добиеме добра, прагматична влада за Германија, истакна кандидатот за канцелар на СПД, Шолц, за време на тркалезната маса со другите кандидати.

Шолц (63) би бил четврти повоен канцелар на СДП по Вили Бранд, Хелмут Шмит и Герхард Шредер. Тој беше министер за финансии во кабинетот на Меркел и поранешен градоначалник на Хамбург.

Конзервативниот ривал на Шолц, Армин Лашет (60), сигнализираше дека неговиот блок се уште не е подготвен да го признае поразот.

– Канцеларот не секогаш бил именуван од највисоко рангираната партија… Сакам влада во која се вклучени сите партнери, каде што сите се видливи, а не влада во која ќе блеска само канцелар, посочи Лашет (60) на тркалезната маса.

Шмит владееше кон крајот на 1970-те и раните 1980-ти во коалиција со ФДП иако неговите социјалдемократи имаа помалку места од конзервативниот блок.

 

 

 

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Опозицијата бара извинување од Стоилковиќ за навреди и пцости кон претнеиците Трајчулевски и Битиќи – тензии во парламентот

Дејан Дејан

Остра реакција од Сојузот на борци за разобличување на предлогот на ДУИ

Дејан Дејан

(видео)Филипче: Никој не му се плаши на Мицкоски, заканите и навредите се доказ за неговата слабост

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе