Пратениците повторно ќе седнат во собраниските клупи дури откако ќе заврши вториот круг од локалните избори. Поради почетокот на изборната кампања од понеделник, Собранието нема да заседава. Народните избраници ниту денес не успеаа да се договорат да се одржи одложената 51 седница.
Голем број закони останаа блокирани. И власта и опозицијата со меѓусебни обвинувања за деструкции. ВМРО-ДПМНЕ тврди дека владејачкото мнозинство не може да обезбеди кворум за работа па затоа одговорноста за немањето седница ја префрла на опозицијата.
СДСМ смета дека ВМРО-ДПМНЕ се однесува неодговорно и работи на штета на граѓаните.
Предизборната атмосферата во законодавниот дом е присутна веќе со недели. Довикувања, свирежи, навреди, нетрпеливост, прекини и долги паузи. Во вакви услови заседаваа Комисиите за труд и социјална политика и за политички систем а ниту едно законско решение не е донесено. Некои комисии иако беа закажани подоцна се одложија. Законите меѓу кои и за академија на судии и јавни обвинители, за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта, за граѓанска одговорност за навреда и клевета, за измени на Кривичниот законик, за превоз на опасни материи, и други ќе се носат по завршувањето на локалните избори.
Јулијана Пешевска
