Во Комисијата за политички систем, не почна расправата за Законот за Академијата за судии и обвинители. За ВМРО ДПМНЕ, спорно е што истиот текст на законот е вратен во собраниска процедура со европско знаменце. Среде бројните процедурални забелешки и довикувања, опозициските пратеници не го признаа гласањето за дневен ред на комисиската седница.
ВМРО ДПМНЕ се спротивстави на обидот да почне комисиска расправа за Законот за академијата за судии и обвинители. Сметаат дека повторно се злоупотребува европското знаменце.
Паузата не ги смени мислењата. На дилемата дали законот треба да има европско знаменце и дали треба јавна расправа, се додаде дилемата дали дневниот ред е усвоен.
Законот треба да овозможи воедначување на судската пракса, зголемена обука на судиите, нови критериуми за органите на Академијата, редефинирање на приемниот и завршниот испит. Со вакво образложение, се враќа во собраниска процедура. Овој пат, доби европско знаменце, што овозможува ограничена комисиска и пленарна дебата на вкупно 5 дена.
Соња Николовска
