Сертификат за вакцинација ќе биде документ кој ќе го имаат граѓаните со заокружен вакцинален циклус, односно примени две дози.
Токму така ќе можат и да посетуваат угостителски објекти и да влезат секаде каде што е потребен тој документ.
Оваа одлука ќе важи од наредниот месец, а Комисијата за заразни болести смета дека така ќе се поттикне интересот за вакцинација.
Претходните мерки кои беа донесени за задолжителна примена барем една доза како услов веќе дадоа резултат затоа што оттогаш се вакцинираа 200 илјади граѓани, вели министерот Филипче.
Вирусот се шири помеѓу невакцинираните граѓани и 90% од сите евидентирани починати пациенти не биле имунизирани.
Дополнително, загрижувачко за надлежните е тоа што интересот за вакцинација опаѓа и веќе не се јавуваат и по 7 илјади луѓе на ден за прва доза, туку сега таа бројка е спуштена на околу 2 илјади.
Во однос на задолжителната вакцинација нема одлука и нема да има во скоро време. Сепак, не се исклучува ниту тоа, но догодина. Меѓутоа, во овој момент фокусот мора да биде на вакцинацијата, вели министерот – базирајќи го тврдењето на многу слабиот притисок во болниците каде што има висок опфат на вакцинација.
Петар Догов
