Премиерот на Косово Албин Курти не даде одговор на директно прашање за испорачување на Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, двајцата осудени на доживотен затвор за 5-кратното убиство кај Смилковци. Двајцата и во повторно судење за случајот Монструм беа осудени на најтешка затворска казна, но уште во 2012-та тие избегаа во Косово кое двапати одби нивна екстрадиција.
Курти во дипломатскиот одговор посочи дека министрите за правда на на Македонија и Косово се во директен редовен контакт и тие соработуваат и за ова прашање.
Курти, на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев, рече дека неговата Влада од минатото наследила „трагични случаи и тешки предмети, кои имале засебни и тешки процеси“.
-Но, има и други предмети, кои што според мое убедување не се разјаснети до крај и за кои се уште ја немаме целосната вистина. Заедно со премиерот Заев разговаравме дека имаме потреба, не само за поддршка, туку и за меѓународна помош, како би имало правда за двете земји, но и за жртвите, како правдата би дошла до крај и се најде вистината, изјави Курти.

Токму во случајот Монструм имаше 5 жртви од кои 4 беа момчиња ан возраст меѓу 18 и 22 години. Првото судење беше поништено од Врховниот суд, а второто беше преземено од СЈО и обвинителката Фатиме Фетаи.
Судскиот епилог беше ист за двајцата бегалци Алили и Исмаиловиќ иако за други обвинети имаше поблаги казни односно за еден беше отфрлено обвинението. За двајцата бегалци и натаму е на сила потерницата, а последниот одговор од Косово беше дека за еден од нив немаат никакви информации каде се наоѓа и дали уште е таму. Претходно двајцата издржаа затворски казни зво Косово за недозволено поседување на оружје, но не беа екстрадирани туку пуштени на слобода.
