Од Германија во Тетово со опрема и задача да откријат како, кога и зошто избувнал пожарот кој ја проголта модуларната болница во Тетово и однесе 14 човечки животи. Денеска во опожарениот објект се трага по причините, а четворицата форензичари од Германија од 9 часот изутрина ги прекопуваат црнилиштата и премеруваат. Двајца од нив се форензичари за истрага на пожар, а двајца се форензичари за ласерско мерење и фотографирање на просторот.
Експертскиот тим е дел Сојузната криминалистичка полиција која работи на национална и меѓународна соработка, истраги, истражувања и развој, а ги покани владата. Доаѓањето на странската стручна помош отвори многу правни дилеми и ги загрижи познавачите на правото откако владата најави дека кани експерти.
Според законот за кривична постапка, единствено обвинителството може да побара вештачење од странство ако таков експерт или институција не постои во земјата. Според адвокатот Звонко Давидовиќ посочи можност ако не е испочитуван законот, вештачењето на германците да падне пред судските инстанци како круцијален доказ.
Петтемината обвинители ја водат истрагата за една од најголемите катастрофи, но за Телма денеска прв пат објаснија во кое својство се германските форензичари. Според јавното обвинителство постапката е запазена, и не владата, туку тие ги ангажирале експертите од странство.
Согласно Законот за кривична постапка и Законот за меѓународна соработка во кривична материја, Обвинителството донесе Наредба и испрати Барање за меѓународна правна помош преку Министерството за правда на Република Северна Македонија до надлежните органи на Република Германија, одгворија за Телма, од обвинителството.
Сојзуната криминалистичка полиција од Германија е со висока експертиза во поддршката при истраги, особено во делот на форензички науки, ДНК анализи, електронски истраги и идентификација, стои на нивната веб страница. Обвинителите од Тетово, пак, веќе издадоа 8 наредби, собираат материјални докази и ги сослушуват очевидиците и вработените, а истргата ги одведе и во фирмата „Брако“ која ги произведе и монтираше модуларните болници.
Најмногу прашања обивнителите упатија кон тетовската болница која ја пушти во употреба модуларната болница, а градежниот факултет го задолжи да изработи вештачење за типот на материјалите.
Павле Беловски