ВМРО-ДПМНЕ застана зад независната кандидатура на Данела Арсовска за градоначалник на Град Скопје. Централниот и извршниот комитете на најголемата опозициска партија денеска ја донеле одлуката, за која лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, рече дека се заснова на ставот дека Арсовска е надпартиско решение, професионалец и личност која може да ги обедини скопјани и да го развие градот. Мицкоски за Арсовска рече дека е одговорот и решението за градот Скопје.
Случајно или не, Арсовска како кандидат за градоначалник на Скопје денеска доби поддршка и од Алијанса за Албанците и Алтернатива, кои пак пред два дена договорија предизборна коалиција за претстојните избори со ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски не сакаше да каже дали поддршката за Арсовска на трите партии била договорена заедно со договорот за коалицирањето. Претставници на Алијанса за Албанците и на Алтернатива денеска имаа средба со Арсовска и поддршката за неа ја објавија непосредно пред ВМРО-ДПМНЕ да го објави своето застанување зад кандидатурата на Арсовска.
За претстојните локлани избори со изјава денеска излез и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој верува дека токму кандидатите на социјалдемократите и нивните коалициски партнери ќе победат во октомври. За големиот број независни кандидатури и советнички листи Заев смета дека се резултата на слободата и демократијата.
Најголемата опозициска партија освен за поддршката на Данела Арсовска за градоначалник на Скопје, донеле одлука и за свои кандидати за градоначалници во 10 општини, но како што најави Мицкоски, нивните имиња ќе бидат објавени утре. Телма дознава дека меѓу 10 имиња е и името на актуелниот градоначалник на Кавадарци од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Митко Јанчев, кој иако изминатиот период имаше несогласувања со раководството на партијата, денеска ја добил поддршката од Централниот и Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ да биде нејзин кандидат на претстојните локални избори во Кавадарци.
Тамара Грнчароска
