Ковид19 Македонија Топ вести

Беќаровски: Се додека има четирициферни бројки на новозаболени ќе има голем број на жртви

124 починати во изминатите четири дена е билансот од епидемијата на коронавирусот во Македонија. Четирицифрените бројки на новозаболени продолжуваат, но истовремено и стагнираат. Здравствените власти се надеваат дека четвртиот бран го достигнува пикот и бројките на заболени, но и на жртви, ќе почнат постепено да се намалуваат. Македонија останува пета држава во Европа по стапката на смртност и шеста во светот.

Вчера коронавирусот однесе 36 животи, а во регионот само во Бугарија беше забележана повисока бројка – 43 жртви. Во Грција имаше 22 жртви а во Босна и Херцеговина – 15. Во останатите држави од регионот бројките беа едноцифрени.

Според професор доктор Нико Беќаровски, бројките на починати се донекаде очекувани и ќе се движат во овој ранг се додека бележиме четирицифрени бројки на новозаболени.

Доктор Беќаровски не гледа пропусти или погрешни протоколи во лекувањето или третманот на хоспитализираните пациенти, но сепак смета дека мерките доцнеа и допринесоа за влез и брзо ширење на Делта сојот во Македонија.

Министерот Филипче пред неколку дена нагласи дека протоколот за лечење кој e донесен минатата година и ревидиран во март е унифициран, важи за сите болници, е во согласност со препораките за лекување а во терапијата е вклучен лекот „ремдесивир“.

Во моментов хоспитализирани се 1.013 пациенти од кои 346 се во Скопје а 667 во болниците и на инфективните клиники во внатрешноста на државата.  На Инфективната Клиника во Скопје се хоспитализирани 162 пациенти, во Клиничкиот центар во Tетово 124, во Гостивар – 96, во Струмица – 88 и во Куманово – 78. Во останатите градови бројот на пациенти е под 50.

Кога станува збор за процесот на вакцинација, од здравство соопштија дека во последните еден и пол месец во Македонија, споредено со регионот, е забележано најголемо зголемување на бројката на граѓани кои примиле една доза вакцина. Според последните официјални бројки на здравствените власти, заклучно со вчера, барем една доза вакцина примиле 703.000 а целосно вакцинирани се над 505.000 граѓани.

Огнен Чанчаревиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ИНЖЕНЕРИ: Владата озаконува паушални фактури за струја

Дејан Дејан

Укинат куќниот притвор за екс директорите на ДПИ, добија мерки на претпазливост

Дејан Дејан

Телма анализа: За пожарите во дискотеки во странство со стотици жртви осудувани по неколку лица

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе