Поради лошата епидемиолошка состојба во Полошкиот регион, Комисијата за заразни болести излезе со препорака наставата за средношколците да започне онлајн, поради големиот број на средни училишта и притисокот во болниците. Според министерот за здравство, Венко Филипче, бројките на новодијагностицирани случаи со ковид 19 постепено се намалуваат, што најверојатно се должи на масовната имунизација.
Средношколците од Тетово и од Гостивар новата учебна година ќе ја започнат онлајн во првите две недели, додека основците со физичко присуство, а потоа согласно состојбата со пандемијата ќе се донесат соодветни одлуки. Ова е најновата препорака на Комисијата за заразни болести, како одговор на барањето на тетовскиот Кризен штаб, поради лошата епидемиолошка состојба во полошкиот регион. Дополнително ќе се разговара како ќе продолжи работата на универзитетите, изјави министерот за здравство Венко Филипче, при денешната посета на Тетово.
Министерот Филипче информираше дека бројките постепено се намалуваат, што најверојатно се должи на масовната имунизација, така што во овој регион опфатот се зголемил од 23 на 35 %. Со работа денес започнаа и два нови пункта во Тетово и во село Порој.
Високиот број на нови случаи во овој регион предизвика огромен притисок во болниците. Во тетовскиот ковид центар вкупно хоспитализирани се 124 пациенти, сите на кислодорна поддршка. Во изминатите 24 часа имало 14 нови приеми, 167 амбулантски прегледи и 6 починати лица.
Данијела Билбилоска
