Покрај Жика Стојановски за Илинден, потписи за независни кандидатури за градоначалници собраа и Јован Пејовски за градоначалник на Чаир, Жарко Стеваноски за Прилеп,Сенад Усеиноски за Охрид и Фатмир Лимани за Кичево. Собрани се потписи и за советничка листа на Јана Белчева за Центар, на Дарко Конески за Прилеп, на Арбен Демировски, Антонио Наумовски и Димитар Вељановски за Охрид. Потребната квота ја пополнија и Аки Акиев за Кочани Франческо Наков за Чешиново-Облешево, Мирослав Славковиќ за Чаир, Гарп Немиш за Велес, Агим Садику за Кичево и Петар Камчевски и Ристо Сакалиев за Кавадарци.
Собирањето потписи продолжува за Ана Петровска, кандидат за градоначалник на Град Скопје, како и за неколкумина кандидати за Карпош, Битола, Македонска Каменица, Делчево, Охрид и Свети Николе, како и за неколку советнички листи.
И овие избори ќе бидат со посебни здравствени протоколи. Новина е што за првпат и полицијата ќе асистира при транспортот и чувањето на доверливиот материјал.
Утре треба да пристигнат и првите 250 терминали за отпечатоци од прсти што ќе се користат за обука на избирачките одбори.
Германската компанија „Дермалог“ со која ДИК потпиша договор вреден 11 милиони евра, покрај испорака на терминалите за читање отпечатоци од прсти, треба да се грижи и за нивното функционирање во следните четири изборни циклуси. Вработени од компанијата треба да направат технички преглед на терминалите, како и да изработат прирачници за користење за избирачките одбори. Терминалите нема да бидат поврзани со интернет, а се гарантира и безбедноста на личните податоци на граѓаните.
Завчера почна и увидот во Избирачкиот список, што ќе трае до 9 септември. Засега, најмалку 800 лица веќе поднеле приговор или забелешки. Само едно лице побарало да биде внесено дополнително, бидејќи го немало во списокот.
Далиборка Демјанска Цветановска
