Невакцинираните граѓани се најмногу на удар на коронавирусот, на прагот на новиот бран на зараза. Во последните седум дена, во црната статистика запишани се 25 загубени човечки животи. Луѓето немале никаква заштита од оваа нова болест – никој не бил вакциниран.
Здравствените власти информираат дека дури и од 3497 новозаразени граѓани за само една недела, околу 12 проценти биле вакцинирани или 450 од нив.
Дополнително, од Министерството за здравство во одговор за Телма велат дека до 6 август, од вкупно 955 активни случаи во тој момент – осум лица се повторно заразени со Ковид-19, откако еднаш веќе ја поминале болеста.
„Голем процент, дури 87,1% или 3047 граѓани од позитивните на Ковид-19 во изминатата недела не биле вакцинирани. Смртноста кај невакцинираните е 100%, покажува анализата. Секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна, ја намалува шансата од заболување, спречува тешка форма на болеста и штити од смртен исход“ велат од Министерството за здравство.
Властите одлучија вакцинацијата да ја поттикнат со тоа што ќе воведат мерки за невакцинираните. Тоа во изминатите неколку дена резултираше со гужви и турканици пред сите вакцинални пунктови, па така се воведоа и нови покрај веќе постоечките.
Денес сликата е ваква. Ред има, гужви нема и целта се постигнува, ни кажаа лекарите вклучени во процесот на имунизација.
Само во поликлиника „Букурешт“ неделава се вакцинираат помеѓу 1000 и 1300 лица на ден – што доведува до бројка од над пет илјади вакцинирани од понеделникот до денес.
„Се почувствува олеснувањето, денес пациентите воопшто не чекаат, па дури ниту за прва доза. Како доаѓаат тие веднаш пополнуваат согласност и влегуваат веднаш. Се остави младите да одберат според тоа што тие мислат – која е најдобра вакцина, посебно за тие што патуваат или студираат некаде надвор од државата. Тоа се поклопи во исто време и со најавените рестрикции заедно со можноста да се одбере вакцина. И двете новини придонесоа да имаме зголемен обрт на пациенти“ изјави доктор Сања Цилевска од поликлиника „Букурешт“.
Лоши вести стигнуваат од повеќе градови низ државата. Порастот на бројот на новозаразени ги наполни дел од болниците.
Во Кичево целокупниот капацитет од 45 кревети во модуларната болница е веќе исполнет со пациенти, па така од менаџментот на болницата размислуваат дел од Интерното одделение да го отворат за да овозможат дополнителни хоспитализации.
Во Тетово исто така се полнат капацитетите и веќе повеќе од 50 пациенти се сместени во болнички кревет. Ковид-позитивни се примаат и во модуларните болници во Охрид и Струга.
Петар Догов
