За 24 часа на одделенијата во тетовската Клиничка болница се примени нови 16 лица со ковид 19. На лекување се вкупно 51 пациент, од кои најголемиот дел се на кислородна поддршка, а двајца пациенти се препратени на скопските клиники. Поради компликации од ковид починала и жена на 54 години.
Болничките капацитети се полнат, поради што веќе извесен период работи и модуларната болница, која е речиси целосно исполнета.
Само вчера биле извршени и 118 амбулански прегледи, а зголемувањето на потребата од медицинска помош, во комбинација со мал процент на вакцинирано население укажува дека следниот период може се очекуваат и нови приеми.
На Вакциналниот пункт во Тетово денес имаше поголем ред по гужвите кои беа присутни изминатите три дена, поради зголемениот интерес за имунизација кај граѓаните по најавените рестриктивни мерки и растот на бројот на нови случаи.
Инаку од Здравствениот дом Тетово, најавуваат дека ќе биде отворен уште еден вакцинален пункт, а деталите ќе ги соопштат во текот на утрешниот ден.
Данијела Билбилоска
