Неколку дена се случуваат турканици пред вакциналните пунктови и уште не стивнуваат иако надлежните отворија и нови места за вакцинација.
Во Скопје ваква слика се случува веќе трет ден. И не само во главниот град туку и низ другите градови.
Информациите од Тетово се дека денес таму има дури и уште повеќе гужва отколку вчера и завчера.
Оние коишто доаѓаат да се боцнат без термин се заедно со оние кои веќе имаат термин за ревакцина, во редици каде што владее тензија и нервоза главно заради долгото чекање.
„Ова е хаотично и може многу попросто да се реши. Сите имаме термини ама џабе. Чекаме, доаѓаме предвреме и ништо.“
„Имам термин закажано и не доаѓам на терминот туку морам да дојдам 2-3 часа порано. Доаѓам тука, викаат немам термин. На што личи тоа?!“
„Имам закажано за во 13 часот. aма ние самите сме недисциплинирани, не доаѓаме кога ни е терминот туку малку порано, за порано да завршиме работа.“
„Цел ден останавме овде. Срамота, голема срамота! Луѓето нека гледаат каква срамота е. Ниту култура, ниту ред. Никаков ред нема.“
Докторите во пунктовите и самите се сведоци на сликата која се случува во најголемиот дел од денот таму, а не само тензијата – туку и ризикот од зараза со вирусот е реален во таквите гужви.
„Самите, непридржувајќи се до мерките ризикуваат ако некој има што е инфициран да закачат Ковид-19 тука, па и да го рашират вирусот уште повеќе“ вели доктор Александар Костески од Здравствен дом – Тетово.
Во Скопје од денес се функционира со дополнителни четири вакцинални пунктови – покрај веќе постоечките во поликлниките „Букурешт“, „Јане Сандански“ и „Чаир“.
Од утрово и во Драчево, Ѓорче Петров, Ченто и Бит Пазар се вакцинираат граѓаните со некоја од трите достапни вакцини коишто ги има во државата во моментов.
Сликата на терен во новите пунктови е малку поразлична – ги нема оние гужви што се случуваат пред „Букурешт“ и „Јане Сандански“ особено откако се затвори пунктот во салата „Борис Трајковски“.
Но, лекарите се оптимисти дека интересот за вакцинација уште повеќе ќе се зголеми и во следните неколку дена.
„Новите пунктови се отворени заради ситуацијата со растеретување на постоечките три во градот. Сметам дека тоа е добра одлука и за денес како за прв ден имаме доста заинтересирани, до 11 часот веќе имаме околу сто вакцинирани граѓани“ вели доктор Катерина Стаменковска од Здравствен дом – Скопје.
Од Министерството за здравство информираат дека засега само во Тетово има прием на пациент во модуларната болница, но и другите модуларни болници во другите градови се функционални и секогаш подготвени за прием на пациенти доколку се наполнат капацитетите во инфективните одделенија во болниците.
Очекувањата се дека новиот бран на зараза со вирусот ќе дојде на есен и затоа во тек се подготовките од страна на властите.
Дополнително, од Образование веќе ја отстранија дилемата дека порастот на бројките на новозаболени може да го одложи почетокот на учебната година и истата ќе започне на први септември.
Петар Догов
