Претседателот Пендаровски и Владата имаат различни ставови околу предлогот за двопроцентен изборен праг за непартиските листи.
Претседателот потсетува дека непосредно пред избори не треба да се менуваат изборните правила, што е сугестија и на ОБСЕ ОДИХР. Во случај кога тоа сепак се прави, очекува пошироки консултации кои би го вклучиле и граѓанскиот сектор.
Пендаровски се согласува со Зелен хуман град дека бројот на потписи за независна кандидатска листа треба да биде понизок.
Граѓанската иницијатива вчера го повика да не потпишува закон кој попречува независни групи граѓани да излезат на избори. За да поднесат кандидатска листа во Скопје, сега ќе им бидат потребни десетина илјади потписи наместо илјада како до сега. Укажуваат дека е невозможно да се соберат среде летни одмори на ограничен број места и само во работно време.
Министерот Бојан Маричиќ смета дека прагот не е премногу висок и дека не ги спречува ниту помалите партии ниту граѓанскиот сектор.
Маричиќ очекува поддршка и за воведувањето отворени листи според комбиниран модел и гласање за една партија и за еден советник од неа.
Ако добие повеќе од 3 одсто од вкупниот број гласачи, ќе биде избран, а другите места се делат според редоследот утврден од партијата.
ДОМ и ЛДП, кои веќе имаат предлог за отворени листи но по друг модел, најавуваат амандман за посоодветно воведување праг на префериран советник.
Измените на Изборниот законик се утврдени во работната група составена од поголемите партии. Предлагачи се СДСМ, ВМРО ДПМНЕ, ДУИ и Алијанса-Алтернатива.
Соња Николовска
