Првиот човек на Министерството за надворешни работи прв ги проба новите велосипеди и тротинети. По Бујар Османи, „по едно кругче“ пред МНР свртеа и Мирослав и Агнеса, а промоцијата ја искористија и други вработени во МНР. „Пример за одговорно однесување кон животната средина и проблемот со аерозагадувањето – Зелената дипломатија е новото нормално“, соопшти Министерството. Анализата покажала дека 90 одсто од државните институции кои секојдневно соработуваат се наоѓаат во дијаметар од 1 до 2 километри.
За вакви секојдневни кратки дестинации, треба да се обидеме, колку што можеме повеќе и колку што ни дозволуваат околностите, да користиме велосипед и електричен тротинет. Преку вакви примери, си помагаме себе си, ќе им ослободиме простор на другите, ќе и помогнеме на околината и на природата, за да имаме почиста животна средина.
Пиар со тротинети од 200 евра. Барем да беа купени по пазарна цена, со оглед на коруптивните сомневања во минатото на Османи, реагираше Алијанса-Алтернатива.
Набавката на неколку тротинети е обид да се покрие луксузот на функционерите на ДУИ. Во пресрет на Локалните избори, Османи сака да фрли пепел во очите на граѓаните, додека неговите сопартијци, градоначалници и директори, како и во самата Влада, трошат милиони денари на скапи автомобили.
Додека ДУИ го промовираше зеленото како ново нормално, во целата држава и посебно во Тетово, продолжија проблемите со собирањето и претоварањето ѓубре. Тоа е само капка во морето загадена животна средина и загрозени подрачја. Затоа и секое јавно возење велосипед и тротинет на државните и локалните функционери, делува осамено.
Соња Николовска
