Докторите стануваат најомилен профил во изборот на кандидати за градоначалници. Неформално, професијата доктор се смета за најценета, општо прифатена, во некои случаи и пресудна во внатрепартиските анализи. Веќе е јасно дека новиот „татко“ на Охрид ќе биде интернистот Константин Георгиевски или стоматологот Кирил Пецаков – првиот веќе две и пол години не лекува туку раководи со градот, а вториот повеќе сака да биде градоначалник отколку пратеник. Опозициската ВМРО ДПМНЕ има и други доктори на своите кандидатски листи: ортопедот Борче Јовчевски во Прилеп, дерматологот Ленче Неловска или радиологот Александар Стојкоски во Ѓорче Петров, доцентот по нуклеарна медицина Синиша Стојановски во Аеродром и други. И за метрополата, од партијата шепнуваат дека е можно наместо со поранешниот градоначалник Коце Трајановски, да излезат со непартиско но докторско изненадување – урологот Живко Попов. Опозициската партија најавува дека наредната недела ќе бидат познати половината од нивните кандидати. Неизвесно е дали ќе биде договорена и објавена предизборна соработка со Алијанса-Алтернатива. Обиди за договарање поддршка, барем во некои општини – има, а доаѓа како логична реакција на коалицијата СДСМ-ДУИ.
Премиерот Заев обзнани дека си подале рака со Али Ахмети. Но, не за секоја општина. За Тетово, веројатно тоа нема да важи.
Сите градоначалници од скопските општини се надеваат на уште една партиска поддршка. Овие недели, интензивно промовираат почнати и завршени проекти – некогаш поединечно, некогаш заедно. Петре Шилегов, кој е сигурен кандидат за втор мандат, вели дека секаде фаворит ќе биде СДСМ.
И во СДСМ докторите се потенцијални кандидати. Само во Центар, на Богдановиќ му конкурираат инфектологот Милена Стевановиќ и интернистот Ирина Сотирова-Бухова.
И во другите партии сметаат дека докторскиот профил е погоден за локална власт. Доволен е примерот на врвниот невролог Арбен Таравари, кој ја напушти својата професија за да стане министер за здравство, а потоа градоначалник на Гостивар, функција што сака да ја задржи уште четири години.
Соња Николовска
