Резолуцијата да биде прифатена од сите политички партии, без условувања барање на изговори, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање пред денешниот настан „Промоции на политики – Македонија за сите луѓе“ во Карпош, во врска со резолуцијата која ја поднесе ВМРО-ДПМНЕ, а која треба да се најде во Собрание на дневен ред.
Мицкоски вели дека прифаќањето на резолуцијата од сите политички партии ќе значи единство кое ни е потребно за почеток на преговорите со Европската Унија, но пред се ќе се зацврстат државните позиции на Македонија.
– Колку што имам информација резолуцијата ќе биде ставена на дневен ред во текот на утрешниот ден. Очекувам поддршка од сите политички партии во Парламентот, без условувања и без демагогии, без изговори, очекувам да се надминеме себе си и да покажеме единство кое што мислам дека во периодот кој следи ќе ни биде многу значајно во процесот на отпочнување на преговори со ЕУ и тоа само ќе ги зајакне на позициите на Македонија како држава, потенцираше Мицкоски.
Во изјава пред вечерашната трибина „Промоции на политики – Македонија за сите луѓе“ во општина Карпош претседателот на ВМРО- ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во однос на датумот за одржување на локалните избори истакна дека треба да се прекине со праксата да се крши уставот бидејќи датумот за локалните избори го дефинира Уставот.
„Околу датумот на избори тоа не е тема за која што ние ќе зборуваме на зелен пазар, тоа е тема која што ја дефинира Уставот и навистина треба да прекинеме со праксата да го кршиме уставот, како дефинира Уставот така ние треба да се однесуваме и тоа што го дефинира уставот тоа треба и да го примениме. Ако Уставот вели дека мандатот на градоначалниците и советите е четири години тогаш после четири години ние треба да го имаме првиот круг избор на градоначалници и советници. Така што ова не треба да биде тема за дневна политика јасен е Уставот како што е Уставот го повикувам претседателот на Собранието Талат Џафери да практично ги распише изборите, онака како што се според Уставот дефинирани“- нагласи Мицкоски.
