Македонија Најважни

Филипче: Најмалку вакцинирани во Кичево, најмногу во Кавадарци – пет нови случаи со „делта“ сој

Примероци секојдневно се секвенционираат во лабораториите – и во последната недела повторно е најден Делта сојот. И тоа пет лица се заразени со оваа најнова мутација – од кои тројца во Тетово, градот којшто епидемиолозите го лоцираа како потенцијално жариште заради големите свадбени прослави коишто се организираат со по над 200 гости.

Еден пациент од Скопје и еден од Куманово се останатите двајца кај кои ПЦР тестот е позитивен, а дополнителните лабораториски анализи покажале дека за тоа виновен е Делта сојот односно индиската мутација.

И тоа не е единствен сој на вирусот, којшто циркулира низ Македонија.

Но, сите вакцини штитат од вирусот, порача министерот за здравство Венко Филипче и повторно нагласи дека се размислува за ограничувања за невакцинираните граѓани.

„Сега ќе започнеме со интензивна комуникација помеѓу Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика и директорите на институциите, за тие повторно да разговараат со своите вработени и да ги упатат на вакцинација. Таа не е задолжителна, но во исто време ние размислуваме да воведеме некакви ограничувања од септември или од октомври – доколку се соочиме со нов бран на зараза. Не можеме сите да страдаме затоа што некој не се вакцинира. Ние не може да живееме затворени, мора светот да функционира, да биде отворен. Затоа и всушност е вакцината“ – Венко Филипче – Министер за здравство.

А, вакцинацијата продолжува секојдневно со достапните вакцини. Од вчера започна вакцинирањето на децата, а и возрасните се вакцинираат – оние со прва доза без термин, останатите на ревакцина.

Според официјалните бројки на здравствените власти, на територијата на цела држава 27,5% од граѓаните примиле барем една доза вакцина.

„Треба да се постигне колективен имунитет од 80%, а ние сме далеку од тоа и затоа се нашите апели, нашите кампањи преку Министерството и преку Владата и преку канцеларијата на Европската унија и преку УНИЦЕФ, сè со цел граѓаните да се вакцинираат. Достапна е вакцината во сите пунктови, никој нема да биде вратен од граѓаните коишто ќе се пријават вакцина, сè со цел да имаме нормален живот“ изјави министерот за здравство, Венко Филипче.

Според процентот на вакцинирано население, на првите три места се Кавадарци со 43,5%, Охрид со 42,9% и Гевгелија со 41%. Главниот град има 30,8% имунизирано население.

Најмалку вакцини се аплицирани во Кичево или во проценти изразено 15,8 отсто, а слаб одзив има и кај жителите на Гостивар, Дебар, Тетово, Македонски Брод, Кратово и Струмица – секаде под 20%.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Костовски реагира на обвинението за Еуростандард банка: Немав интерес банката да пропадне

Дејан Дејан

(Фотo+Видео) ДУИ по втор пат на протест во Тетово како знак на револт поради одлуката на Уставен за преименување на десетина улици

Tea Dimkovska

Груевски демантира дека становите на Водно некогаш биле негови – за Заев тврди дека тој не ги чувствува злоделата кои му ги нанел

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе