Ковид19 Најважни

Започна вакцинацијата на децата – пријавени се речиси 2000 малолетници на возраст од 12 до 17 години

Денес на дело се спушти возрасната граница за вакцинирање.

Уште од рано утрото, во редица пред пунктовите и младите застанаа рамо до рамо со повозрасните од нив, за да добијат вакцина.

Ретко кој од нив беше расположен да каже по некој збор во камера, но сите дојдени со иста цел – да се заштитат од коронавирусот и себе и околината.

Во земјава пријавени за вакцина се околу две илјади деца.

Родителите, малку порасположени беа пред камера да кажат зошто одлучиле да ги поддржат децата во одлуката да се прими вакцината за Ковид-19. Особено што, докажано е дека децата се помеѓу најголемите пренесувачи на заразата иако најголем дел од нив поминуваат речиси и без симптоми.

„Одлучив да се вакцинирам бидејќи само вака можеме да ставиме крај на пандемијата со Ковид-19 и апелирам до сите млади да се вакцинираат бидејќи ова е единствен начин како можеме да ја решиме оваа ситуација.“ – вели еден млад битолчанец.

„Сметам дека треба да се вакцинираат затоа што или ќе се вакцинираат или ќе прележат на крај – трето нема.“ –подвлекува родител чие дете се вакцинира.

„Синот има примено седум или осум вакцини, дома сите се вакциниравме и само тој остана невакциниран. Подобро да го вакцинираме затоа што ако се зарази со Ковид може да има и последици.“ – тврди друг родител.

Нема никаква посебна контраиндикација за вакцинирање на децата и засега само со вакцината на „Фајзер“ се одвива процесот.

Тоа е така затоа што најмногу студии докажале дека истата е безбедна да ја примат и помладите.

„Контраиндикациите се генерално идентични како што се и за пациентите над осумнаесет години, значи апсолутна контраиндикација се сериозни алергиски реакции на некоја од компонентите којашто се содржи во вакцината, а другите контраиндикации се релативни – некои хронични болести коишто се активни во моментов, пациенти со имуносупресивна терапија во големи дози и за овие пациенти треба да одлучи лекарот специјалист педијатар којшто знае детето во која фаза на болеста се третира.“ – посочи Д-р Сања Цилевска-Младеновска од Здравствениот дом – Скопје.

„Треба да дојдат со родител, а лична карта за идентификација носат и детето и родителот. Се потпишуваат на апликацијата за согласност, за да може детето да се вакцинира затоа што е малолетно.“ – вели Д-р Олгица Јакимовска од вакциналниот пункт Битола.

„Не знаеме колкава ќе биде заинтересираноста на децата. Тие што примија вакцина досега не се пожалија на несакани ефекти.“ – објаснува Дрита Зибери, главната сестра во Здравствениот дом Тетово.

Официјалните бројки до синоќа покажуваат дека пристигнале повеќе од 1800 апликации на заинтересирани деца за имунизација.

Покрај Скопје, интерес има и во другите градови, а втори и трети на листата со пријавени се токму Тетово и Битола.

За разлика од овие градови, местата како Кратово, Македонска Каменица, Демир Хисар, Македонски Брод и Вевчани се местата со најмалку пристигнати пријави.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Поскапува регистрацијата на возилата, се зголемува цената на задолжителната осигурителна полиса

Дејан Дејан

Поплавени простории на третиот кат, вода се слеала до подрумот – пукнала цевка од парното на Токсикологија

Дејан Дејан

Поскапува задолжителната осигурителна полиса – нови цени за регистрација на возила

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе