Граѓаните на Тетово бараат повеќе зелени површини, каде ќе можат да се рекреираат. Неколкуте паркови кои ги има во градот воопшто не се чуваат, реквизитите се оштетуваат, а често може да се забележи и фрлени отпадоци. Општинските власти, пак, тврдат дека истите се одржуваат, а најавуваат и шеталиште долж реката Пена.
Тетовци немаат голем избор на места за рекреација во градот. Единствено месноста Бањиче, но само за оние кои сакаат пешачење. Доколку сакаат престој во парк, имаат на располагање само неколку вакви површини, но и тие се во лоша состојба, поради несовесноста на поединци. Често се оштетуваат реквизитите и се фрла смет.
Граѓаните велат дека е потребно континуирано одржување, но и повеќе зелени површини.
Од Општина Тетово, пак, велат дека зелените површини се зголемуваат во станбените населби, а поголемите паркови се одржуваат. Најавуваат изградба на шеталиште долж реката Пена.
Во меѓувреме се чека и на уредување на единствениот скејт парк во Тетово, кој пред неколку години го изградија странски и домашни волонтери, но истиот воопшто не се користи бидејќи е обраснат со трева, со оштетени реквизити. Од Општината пред извесен период најавија негова обнова и поставување јавно осветлување.
Данијела Билбилоска
