Жителите на десетина села во близина на Охридската депонија кај превојoт Буково, денеска го блокираа влезот на камионитe на јавното комунално претпријатие и не дозволија одлагање на сметот. Револтирани се што депонијата која е на околу дваесетина киломтри и од Охрид и од Преспа, гори со месеци, а од неа се шири црн чад и неподнослива миризба. Велат дека во опасност е здравјето на околу 600 жители од околните населени места и се жалат дека зголемен е бројот на малигни заболувања на белите дробови.
-Ова е неподносливо, многу луѓе се заболени. Стоката веќе не паси, пчели има, ама нема мед. Овде има и води, извори, едните се влеваат во Преспанското езеро, другите во Охридско. Преспани пијат вода од изворот Крушје, не знам тие како се чувствуваат бидејќи до таму оди миризба, вели Томе Стојчевски, Крушје
-На ова место има високо развиена флора и фауна, се собираат билки, печурка и смрека и сетоа тоа достига до прехрамбените продукти, вели Крсте Трајчевски од село Завој, член на еколошкото друштво „Грашница“ од Охрид.
Жителите бараат депонијата да се затвори, во спротивно најавуваат порадикалани протести тужби до наделжните.
– Под итно да се среди и да се дислоцира депонијата. Требаше да биде до крајот на 2020, сега се продолжува тоа. Треба да се одржува, вели Димитрија Трајковски, од село Илино.
-Не пуштаме камиони да влезат во следните 10 дена. Секој ден ќе доаѓаме овде и ќе дежураме, рече Томе Стојчевски од Крушје.
Од јавното претпријатие Комуналец од Охрид, тврдат дека депонијата намерно се потпалува од лица кои бараат железо и бакар. Велат во повеќе наврати гаснеле, но ѓубрето повтроно се потпалува. Иако има стражар, тој може само да пријави во полиција, велат од охридското комунално претпријатие.
-На депонија често има лица кои неовластено присуствуваат и го палат отпадот за полесно да дојдат до железо и бакар. Пријавуваме во полиција, се постапува, но тие повтроно се враќаат. Во повеќе наврати гасневме, ја третираме депонијата со специјални средства, но пак се потплаува. Денеска повтроно се работи и ќе биде целосно изгасната. Апелирам до надлежните, пред се полицијата за почести патроли, изјави Љупчо Грданоски, директор на ЈП Комуналец Охрид.
Депонијата Буково каде дневно се одлагаат по 600 метри кубни смет, се најде и во извештаите на УНЕСКО и се бараше да биде затворена до крајот на 2020 година. Сепак, се уште нема решение за овии комунални депонии низ дражавата кои се еколошка бомба.
Емилија Мисирлиевска
