Врз основа на извршената ревизија утврдивме слабости и недоречености во делот на дефинирање на надлежностите на институциите инволвирани во процесот, неопфатеност на епидемиите со Законот за заштита и спасување, не дефинирани стратешки цели, недоволна кадровска екипираност и не воспоставена сметководствена евиденција на примените донации, како и потреба од воспоставување на процедури/протоколи и контроли во делот на приемот, распределбата и користењето на нефинансиската помош поврзана со превенција и заштита од пандемија и од можни идни здравствени кризи.
Ова е заклучокот објавен во извештајот на Државниот завод за ревизија на тема „Добивање на нефинансиска помош, распределба и користење од страна на институциите во јавниот сектор со цел превенција и заштита од пандемијата предизвикана од корона вирусот COVID -19 “ за период од 01.03.2020 година до 30.11.2020 година.
Ревизорите го утрвдија следното:
– Законот за заштита и спасување не ја уредува заштитата на населението од појава на епидемии, епизоотии1 , епифитотии2 , со што се намалува можноста за утврдување на ризици од областа, идентификување на постојните ресурси и планирање на потребата за нивно обезбедување вклучувајќи и помош од меѓународни донатори;
– не е донесена Национална стратегија за заштита и спасување со акциски план во насока кон превенција, намалување на последиците и подготвеност на системот за заштита и спасување;
– планот за подготвеност при справување со итни, кризни состојби и катастрофи донесен од страна на МЗ како значајна активност не резултирал со активна примена на предвидените активности пред отпочнување на пандемијата;
– не е воспоставена материјална и сметководствена евиденција во МЗ и ДЗС за добиените донации за справување со пандемијата од вирусот COVID-19;
– извршена е распределба на донации без утврдени критериуми што предизвикува издавањето на донации од страна на ДЗС да не е во согласност со утврдените распределби од МЗ;
– на национално ниво не е воспоставен единствен централен механизам за примените донации од странски донатори;
– од страна на ЈЗУ не се врши редовно ажурирање на податоците за медицинска опрема во рамките на националниот здравствен информатички систем кој треба да придонесува за процена и планирање на потребите од донации како одговор при вонредни, итни или кризни состојби;
– недоволна кадровска екипираност во рамките на организационите единици за управување со донациите во МЗ и ДЗС, отсуство на овластувања со утврдени надлежности во СЕП, како и недоволно разграничување на должностите на вработените вклучени во процесот на прием, контрола и распределба на донациите.
Од аспект на ЈЗУ како корисници на примените и распределените донации ревизијата ги констатира следните состојби:
– во одделни случаи не се склучени договори за донација и не се изготвени извештаи за примените донации;
– дел од ЈЗУ немаат назначено одговорно лице за постапување, распределба и контрола врз користењето на добиените донации;
– не е изготвен акт за начинот на прием и постапување со добиените донации на опрема и заштитни медицински средства за справување со вирусот COVID 19;
– дел од ЈЗУ немаат воспоставено сметководствено евидентирање на примените донации за справување со пандемијата од COVID 19, додека пак дел водат сметководствена и/или материјална евиденција само за донациите за кои имаат добиено вредност, а за дел е воспоставена евиденција само по количини.
За надминување на утврдените состојби потребно е Владата на РСМ и надлежните институции вклучени во процесот на прием и управување на примените донации да преземат активности за: јасно и прецизно уредување на системот за постапување во кризни состојби со определување на надлежни институции и нивна меѓусебна координација во насока кон подготвеност на државата при појава на кризни состојби, воспоставување на единствен централен механизам за примените донации од странски донатори, воспоставување на сметководствена и материјална евиденција за донациите, како и контрола врз располагањето со примените донации од домашни и странски донатори.
