Откако во ноември му испрати порака на Западниот Балкан: „За регионот е важно да се каже: Помирете се!“, германската канцеларка Ангела Меркел седум месеци потоа повторно денеска ќе разговара со лидерите од регионот во рамки на Берлинскиот процес на кој повторно во пресрет на самитот му испрати порака дека е неопходно помирување.
Денешниот состанок, како и целиот Берлинскиот процес, во фокус ќе ја има регионалната соработка, економското и инфраструктурно поврзување кои треба и економски да го приближат регионот до ЕУ, со посебен акцент на следните чекори за изградба на заеднички регионален пазар чија цел е до 2024 година да се овозможи слободно движење на луѓе, стоки, услуги и капитал.
Една од конкретните придобовки на Берлинскиот процес е укинувањето на роамингот меѓу земјите од Западниот балкан, договорено во 2019 година.
Но освен економските проекти Берлинскиот процес незибежно ќе на маса ќе ги стави и политичките прашања во регионот, кои останаа непроменети од минатиот состанок, а некои дури и се продлабочија, како што е втората блокада од Бугарија за Македонија и за Албанија за старт на преговорите.
Дека политичките теми ќе бидат дел од денешниот состанок укажа и самата германска канцеларка со пораката која ја испрати пред два дена и до земјите од регионот, но и до Европската унија која на состанокот ќе биде претставена со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеи. Во пораката Меркел е на став дека има уште многу предизвици на Западен Балкан, дека недовербата и национализмот се уште постојат, а билатералните спорови можат во секој момент да се разгорат, поради што е неопходно помирување.
„Западниот Балкан е непосреден сосед на ЕУ. Тој е дел од Европа, каде раните од војните сѐ уште не се залечени, а голем број граѓани од тој регион живеат и во Германија. Мене ми е јасно дека државите на ЕУ мораат да имаат интерес за мирен развој на Западниот Балкан. Имаме одговорност практично да се заложиме за развој на тој дел од Европа“, рече Меркел.
Инаку ова ќе биде последен состанок на Меркел, како канцеларка на Германија, со лидерите од Западниот Балкан, на чија иницијатива токму и беше создаден Берлинскиот процес во 2014, а кој требаше да го врати регионот на европската агенда, но и да му помогне економски и инфраструктурно да се обедини и поврзе.
Тамара Грнчароска
