Еколошката такса ќе ги покачи цените, не само на горивата туку и на другите производи. Ефектите ќе се почувствуваат веднаш. А догорочните ефекти, бидејќи ова е трајна давачка ќе бидат поголеми – покажува истражувањето на Институтот за економски истражувања Finance Think. Анализата ги демантира тврдењата на Владата дека зелениот данок нема да ја подгрее инфлацијата. За да се ублажат ефектите Институтот предлага таксата да се носи етапно – или таксата да се зголеми 1,5 денар во јули, и уште по 1 денар во јануари и јули наредната година.
Резултатите покажаа дека воведувањето на еколошката такса и порастот на цената на горивата во просек од 6,2 % по литар гориво ќе доведе до краткорочен пораст на општото ценовно ниво од 0,15 до 0,3 % на краток рок кој што би се почувствувал уште во првиот месец. Сепак ваквиот раст е од постојан карактер и од тука долгорочните ефекти можат да бидат и позначајни, со што резултатите покажаа дека на долг рок општото ценовно ниво би дошло до пораст од 0,8 до 0,9 % главно како резултат на таа перманентна промена што се предизвикува со воведувањето на еколошката такса, рече Благица Петрески, Finance Think.
Измените на Законот за животна средина со кој е предвидено еколошкатат такса да почне да се собира од 1 јули веќе се во Собрание, но неизвесно е дали до тогаш ќе ги поминат собраниските филтри. Ќе се носат по скратена постапка, но се уште не се знае кога ќе се најдат на матичната комисија. Во предлогот е ставена табелата за усогласување со правото на ЕУ, но од Владата велат дека до сега нема владина одлука законот да се носи со европско знаменце. Опозициските партии веќе најавија дека ќе го блокираат законот во собрание.
Со зголемувањето на еколошката такса, цената на бензините, дизелот, екстра лесното гориво и мазутот ќе биде фиксно повисока за 3,5 денари по литар или околу 4,2 денари со ДДВ, а цената на безоловниот бензин би се зголемила за околу 3,1 денар или околу 3,7 денари со ДДВ. Владата остана на ставот дека прашање на денови е кога ќе се донесе еколошката такса во Собранието и дека нејзин приоритет е заштита на животната средина.
Александра Филиповска
