Во 3 часот и 33 минути утринава зачука новото срце кај Иле Стрезовски, 22 годишно момче кој подолго време чекаше донор за трансплантација.
Согласност за трансплантација на органите даде семејството на 20 годишната Верица Белчевска која настрада во сообраќајна несреќа на 7 април и беше во кома.
Родителите на Иле се благодарни и на семејството Белчевски и на целиот тим кардиохирурзи кој успеа да го продолжи неговиот живот
Сестра ми беше секогаш ведра и насмеана и сакаше луѓето да ги прави среќни, вели нејзиниот брат Мартин. И покрај болката за која нема утеха, сите напори кои ги направија докторите за да ја спасат, сепак судбината сакаше поинаку.
Моите родители, јас и мојата помала сестра не се двоумевме дека донирањето ќе беше и нејзина желба, Верче беше личност која сакаше да помогне на сите, вели Мартин.
”Таа беше удрена со кола и возачот побегнал од местото на настанот, беше однесена во болница и потоа во Скопје, но не даваше знаци на живот.
Тоа беше тешка одлука и се решивме да ги донираме. Можеби истото ќе и требаше и на мојата сестра, да и бидат донирани органи од друг. И ние ги дониравме органите за да спасиме нечиј живот” – изјави за Телма, Мартин Белчевски.
Тимовите кои работеа на трансплантација која траеше цела ноќ на Клиниката за кардиохирургија ги предводеа доктор Сашко Јовев и доктор Жан Митрев, како и членовите на нивните тимови.
Докторите кои доцна во ноќта ја извршија успешна трансплантација на срце, се поклонија на Белчевска чие семејство одлучи да ги донира нејзините органи.
Два бубрега од Белчевска денес се трансплантирани кај пациенти кои со години се на дијализа. Следната недела коската со метастази на пациент кој се лекува на Клиниката за ортопедија ќе биде заменета со здрава коска од починатата девојка.
Десетина пациенти кои боледуваат од карцином кој им ги оштетил коските и пациенти со тешки фрактури кај кои нема можност да се стават протези ќе добијат заменски коски од починатиот донор. Станува збор за прва ваква експлантација направена во земјава.
Првата трансплантацијата на срце на Клиниката за кардиохирургија во Скопје беше направена на 23 мај лани, кога ново срце доби 54-годишен пациент.
Нина Стефанова
