Македонија Топ вести

Висококатници ќе се градат кај „Холидеј Ин“ – преовлада интересот на инвеститорите

Фамозната локација кај „Холидеј Ин“ конечно ќе добие некаква разрешница. Се најавуваа облакодери, а овде сè уште функционира паркинг просторот.

За колку долго – сè уште не се знае. Информациите се дека инвеститорите уплатиле одредена сума за комуналии и дека овде сепак ќе никнат бетонски чудовишта.

Наспроти реакциите на јавноста дека под ударот на градежната механизација ќе се изгуби и последниот слободен простор во центарот на градот, реагираат и архитектите. Висококатници овде можат да донесат проблеми и предизвици за понатамошното градско функционирање.

„Најтешкото решение како ќе изгледа цел тој простор и како ќе се организира ќе биде околу тоа како ќе се реши сообраќајот на таа парцела затоа што тоа знаете дека е крстосница од повеќе правци на приоѓање, влегување и излегување и тоа сообраќајно решение веројатно ќе биде клучот на тоа дали ќе успее целиот проект да биде едно фино решение – како за живеење така и за сите оние други останати функции коишто се неизбежни во овој централен дел, од бизнис, трговија и слично“ во изјава за Телма вели Љупчо Атанасовски, архитект.

Од Општина Центар тврдат дека направиле најмногу што можат за да се истера мораториумот до крај, но безуспешно.

Според градоначалникот Богдановиќ, добра вест е што нема да станува збор за шеесткатници како што беше планирано претходно, туку параметрите сега се намалени.

„По тоа што беше предадено од страна на инвеститорот, станува збор за многу намалена површина, некаде над 55% намалено од тоа што се предвидува во стариот план. Ако претходно  околу 200 илјади метри квадратни беа предвидени како површина за градење, сега е предаден проект односно идејно решение со отприлика 88-89 илјади квадрати. Задоволен можам да бидам само во тој дел дека максимално ќе дадеме сè од себе за да бидат запазени одредени параметри коишто претходно ги вградувавме во плановите. Сакав да успее целата приказна и до крај да се истера со мораториумот, да се ревидираат плановите, но Уставниот суд е нешто што е највисоко во судската власт“ во изјава за Телма вели Саша Богдановиќ, градоначалник на Општина Центар.

Според сите планови, инвесторите ќе градат на просторот кај паркингот и делот кон Вардар. Со тоа паѓаат во вода желбите на дел од јавноста, просторот крај реката да остане отворен.

Петар Догов

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Екстрадиција на Палевски: Кои се процедурите за испорачување на бегалци

Дејан Дејан

И Пендаровски и Силјановска Давкова ќе ги прифатат уставните измени доколку бидат изгласани во Собранието

Дејан Дејан

Се враќаат старите цени за осигурување за регистрација на возила

Сашо Чавдаров

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе