Мерки има во управните служби, ама има и непочитување, вака претседателот на синдикатот УПОЗ оценува како вработените административци и синдикални членови се справуваат со ризикот од Ковид-19. Некаде е воведено двосменско работење, некаде каде што има можности се работи и од дома. Но сепак има голем број на заболени во Управата, кажува статистиката на УПОЗ кој доделува еднократна помош на своите инфицирани членови.
Една од институциите каде имаше и починат вработен од корона и кластер е скопскиот катастар, а од синдикатот велат дека е пратено известување да се преземаат заштитни мерки. Раководството одговорило и пропишало мерки, но според теренските сознанија на синдикатот, имало непочитувања и од вработени, но и од странки.
Од катастарот на прашањата за случајот и заштитните мерки ни посочија дека одговорите не треба да ги бараме новинарски преку мејл, туку по пристап на информации од јавен карактер. Сепак и трудовата инспекција вршела увид поради две претставки, за минатото не истражувале туку утврдиле дека во моментот на инспекцијата во градскиот и државниот катастар се почитуваат мерките донесени, според инспекцијата навреме.
Трудовите инспектори постапувале и во други државни и приватни субјекти. Во државните установи не утврдиле прекршување, во приватните во последната седмица нашле една фирма и 6 работници кои не ги почитувале мерките. Инспекторатот не може да открива дали заразувањето настапило на работа или не.
Најголем проблем беше брзината на вториот бран-УПОЗ уште на 6-ти октомври бараше нови мерки за администрацијата, а владата ги пропиша 8 дена подоцна. Дури потоа се издадени наредби за спроведување на поострите рестрикции затоа што директорите очекувале реакција од вработени или од странки. Дополнителен проблем е што кога во управна или државна служба ќе се разболи вработен, епидемиолозите не определувале изолација на негови колеги туку само на најблиските домашни. Контактите од работните места продолжувале да одат на работа.
Миомир Серафиновиќ
