Вести Свет

Зеленски предупреди дека судските процеси против украинските заробеници ќе значат крај на дијалогот меѓу Киев и Москва

Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди денеска дека доколку се потврдат информациите дека Русија подготвува терен во Мариупол за судски процес против заробените Украински војници од овој град, сите шанси за преговори меѓу Москва и Киев ќе пропаднат.

Според Украинскиот претседател, окупаторите планираат овој судски процес да коинцидира со одбележувањето на украинскиот ден на независност во Среда, кога исто така ќе се одбележат 6 месеци од почетокот на руската инвазија.

„Без разлика што мислат окупаторите, без разлика што планираат тие, реакцијата на нашата држава ќе биде апсолутно јасна. Доколку ова одвратно судење се одржи, ако нашите луѓе ги донесат во такво сценарио во нарушување на сите договори, сите меѓународни правила, доколку има злоупотреба, тоа ќе биде линијата по која сите преговори се невозможни. Русија ќе се исклучи себеси од преговорите. Нема да има веќе разговор“ – вели Зеленски.

Зеленски ги предупреди Украинците дека Русија би можела да се одлучи и за особено суров напад во пресрет на денот на независноста на нивната држава, апелирајќи на будност кај своите сограѓани.

За ситуацијата во Украина, вчера телефонски разговарале и британскиот премиер Џонсон, американскиот претседател Џо Бајден, германскиот канцелар Шолц и францускиот претседател Макрон. Тие повикаа на воена воздржаност околу нуклеарната централа во Запорижнија во јужна Украина, каде судирите ги зголемуваат стравувањата од нуклеарна катастрофа полоша од Чернобил во 1986-тата година.

Во Русија денеска се одбележува денот на националното знаме, кој според претседателот на државата, Владимир Путин, е нова можност на граѓаните да се потсетат дека треба да ги заштитуваат традиционалните патриотски вредности.

„Националното знаме, како вечното црвено знаме на победата, служи да се едуцира помладата генерација за вредностите на патриотизмот, граѓанството и одговорноста за иднината на татковината. Од 1-ви септември, во сите училишта во државата, работната недела ќе започнува со свечена церемонија на кревање на знамето и пеење на химната“ – порача Путин.

Пред музејот на победата во Москва беше откриено најголемото руско знаме со површина од 1000 квадратни метри, додека 3000 волонтери облечени во боите на државното знаеме учествуваа во свечена церемонија на блискиот плоштад.

Бело-сино-црвеното руско знаме беше подигнато и на централниот плоштад во окупираниот Мариупол.

Повеќе десетици млади луѓе будно го следеа интонирањето на националната химна, додека зад нив се гледаа празните станбени згради, уништени во жестоката руска офанзива за освојување на градот пристаниште на Азовското море.

„Родителите ме убедуваа: Русија е моќна, број еден. Потоа, почнав да читам за историјата на Русија и тоа се потврди како точно. Русија никогаш не загубила, ниту една битка“ – гордо оцени Алексеј, член на младинската гарда во Мариупол.

Продолжува и истрагата за експлозијата на бомба во автомобилот со кој се превезуваше и го загуби животот 30-годишната Дарија Дугина, ќерка на идеологот на рускиот национализам, Александар Дугин.

Претпоставките се дека токму Александар Дугин бил цел на атентатот, но во последен миг се одлучил да не патува со својата ќерка.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Гостиварци може да се бањаат, не може да ја пијат водата

Sasko Dimovski

Возејќи рикверц бил ненамерно прегазен од чичко му – 27-годишен тетовец се здобил со тешки телесни повреди

Sasko Dimovski

Сончево со мала до умерена локална облачност – Временска прогноза за 28.7.2026

meteo

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе