Како што најави, така и направи. Министерката за надворешни работи на Бугарија во оставка, Теодора Генчовска, една недела откако констатираше дека во Македонија се шири говор на омраза против Бугарија поради францускиот предлог за преговарачката рамка, тоа го формализираше во дипломатска нота доставено до македонското МНР.
Бугарското министерство во соопштението наведува дека нотата ја доставило поради бројните манифестации и пароли насочени против Бугарија во јавниот простор на земјава во последните денови.
Во нотата, ко што информира МНР на Бугарија, била изразена длабока загриженост за тоа што се случува.
„Што е и одговор на распространетиот антиевропски наратив против воспоставувањето на добрососедски односи меѓу двете земји. Особено загрижувачки е што злонамерните дела во јавниот простор ескалираат во време кога Софија и Скопје активно бараат начин за конструктивен дијалог и изнаоѓање трајни взаемни решенија во интерес на европската интеграција на Република Северна Македонија и регионот“, стои во соопштението од бугарското МНР.
Генчовска пак пред една недела со сличен речник ги оцени реакциите во земјава на француската предлог преговарачка рамка, велејќи дека тие биле доста загрижувачка за една демократска земја.
Шефицата на бугарската дипломатија тогаш побара и малку трпение за македонските власти, за да го убедат своето општество во францускиот пакет.
Сепак Генчовска самата не издржа во барањето за време за македонските колеги и по само два дена, јавно, преку соопштение, го покани шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, во Банско на потпишување на вториот протокол за спроведување на Договор за добрососедство.
Без овој документ земјава, доколку го прифати францускиот предлог, нема да може да ја одржи политичката меѓувладина конференција за старт на преговорите со ЕУ.
И додека Генчовска тврди дека документот е усогласен и бара негово потпишување, документот се уште се држи далеку од очите на јавноста.
Иако беше соопштено дека двете министерства го усогласиле текстот на документот на почетокот од јуни и дека тој ќе биде истовремено објавен и во Скопје и во Софија, тоа се одложува од македонска страна со објаснување дека текстот не е доусогласен.
Последното такво тврдење стигна вчера од шефот на дипломатијата Османи, кој за шпекулациите за содржината на евентуалниот протокол меѓу двете земји, на фејсбук напиша, дека документот финално ќе биде усогласен на самата седница која ќе биде свикана за негово потпишување.
Тамара Грнчароска
