МВР соопшти дека во инцидентите на денешниот 4-ти по ред протест против францускиот предлог биле повредени 47 полициски службеници, од кои 11 со потешки, а двајца со сериозни повреди.
На сите повредени полициски службеници им е укажана лекарска помош, а потешко повредените се пренесени во медицинските установи за санирање на повредите и медицинска нега.
Најсериозни инциденти се случија пред Собранието кога насилна група од протестниот марш се издвои, ја растури бариерната ограда и стигна до полицискиот кордон пред собранискиот главен влез. Голем дел од нив имаа фантомки на главата.
Демонстрантите почнаа да корнат бетонски плочи и со камења гаѓаа кон зградата на Парламентот при што беа искршени и повеќе прозорци, а беше уништена и полициската заштитна куќичка. Демонстрантите довикуваа до полицијата „Фрлајте штитовите“.
По половина час од пробивањето на оградата, полицијата тргна кон демонстрантите и успеа да ги потисне од просторот на Собранието. Еден полицаец беше повреден и однесен, неколку демонстранти беа соборени, а беа уапсени и двајца од нив.
Возило на Итна помош со повреден полицаец успеа да се пробие низ демонстрантите кон Рекорд, а се слушнаа удари по возилото и стаклата.
Најголем дел од демонстрантите беа во паркот Жена-борец спроти Собранието. Полицијата продолжи со приведувања, а беше уапсен и постар демонстрант кој имаше траги од крв на лицето.
На булеварот пред Собранието имаше новинарски екипи и десетина демонстранти. Тогаш се појави свештеник на МПЦ кој ги смируваше демонстрантите, а побара од полицајците да ослободат едно проведено момче.
Полицијата продолжи со акцијата додека демонстрантите се бунеа и ги навредуваа. Уште еден помлад демонстрант беше уапсен во паркот, а демонстрантите бараа полицајците да не го држат на земја додека му ставаа лисици затоа што е совладан, а тој испушташе крикови.
-Приведени се 11 лица, а за време на протестите од страна на полицијата не беа употребени ни пиротехнички, ниту хемиски средства за разбивање на толпата, соопшти МВР.
Протестите кои почнаа пред владата па по маршот до МНР (каде беа фрлани јајца и пиротехника и се бараше оставка од Османи) и до Собранието спласнаа, а демонстрантите се разотидоа.
-Констатирани се повеќе нарушувања на јавниот ред и мир од страна на демонстрантите, кои фрлаа со камења, јајца, железни предмети, бекатон плочки, молотови коктели, сообраќајни знаци, канти за ѓубре и пиротехнички средства, како кон објектите, така и кон полициските службеници кои вршеа службени дејства обезбедувајќи ги државните институции, соопшти МВР.
На сите три објекти пред кои се протестираше, имало оштетувања на прозорците и фасадите, а демонстрантите скршиле 16 полициски штитови, повеќе заштитни полициски шлемови и радио-врски. Оштетено е полициска куќарка пред Собранието и едно полициско возило.
Демонстрантите пак се жалат на прекумерна употреба на сила и на полициска бруталност иако според нив целта биле зградите на институциите, а не полицајците.
МВР презема мерки за расчистување на случајот и апелира до организаторите на протестите и до граѓаните да покажат демократски капацитет, протестите да бидат мирни и демократски, да ги сочуваме редот, мирот и безбедноста. Преку насилство кон оние коишто го одржуваат редот, кон македонската полиција и објектите на институциите, не се постигнува ништо; дијалогот треба да се води во институциите на системот.
Протестот го покриваше екипа на ТВ Телма, новинарот Петар Догов и снимателот Зоран Трајковски.


